Нашиот фудбалски шампион во текот на вчерашниот ден ги доби противниците во групната фаза од лигата на Европа. Тоа се екипите на Зенит, Реал Сосиедад и Розенборг.
Реал Сосиедад и по одигрување на второто коло во Ла лига има максимален број на освоени бодови. Жолтата подморница, екипата на Виљареал беше “потопена„ на стадионот “Аноета„, каде на 19 октомври ќе гостува и Вардар. Сосиедад го доби дуелот против Виљареал убедливо и полесно од очекувањата со резултат од 3:0. Хозе, Прието и Хуанми беа стрелци на головите за екипата од Сан Себастијан. Во првото коло на стартот на новата сезона во домашното првенство, Реал Сосиедад со резултат 2:3 ја победи екипата на Селта Виго на гостински терен.
Сигурно тренерот на Вардар, Чеде Јаневски го следел овој меч на Сосиедад и ја анализирал нивната игра, како и најголемите опасности, но и недостатоци на нашиот противник во групната фаза од ЛЕ.