Вардар нема намера да запре со победите и вечерва во С,Ц. Јане Садански речиси го “прегазија“ тимот на Брест Мешков, кој се покажа како лесен противник за црвено-црните, кои на крајот славеа убедливо со резултат од 31:23. Вреди да се напомене дека во текот на целиот меч имавме водство.
Нашиот шампион добро го започна натпреварот и првите три гола беа за составот на Гонзалес, кој преку Кристопанс, Карачиќ и Чупиќ имаа водство од 3:0. Првиот гол противникот го постигна дури во петтата минута преку Шиловиќ за намалување на резултатот. Црвено-црните уште од стартот наметнаа силно темпо на игра и беа подобриот тим на теренот. Со два последователни голови на Чупиќ во 9 минута стигнавме до предност од 5:1. Истава разлика од четири гола се одржуваше до средината на првото полувреме. Брест Мешков благодарение на голманот Мијатовиќ не дозволуваше на Вардар да се одлепи на поголема разлика. Водството на црвено-црните се движеше од 3-4 гола разлика се до моментот кога Брест Мешков со неколку погодоци во серија успева да намали на само еден гол негатива (14:13). Тоа беше знак за тренерот Раул Гонзлаес да повика тајмаут кој позитивно влијаеше на неговите играчи, кои успеваат да направат серија од 3:0 и да ги вратат највисоките четири голови (17:13). Во последниот напад за гостинот погоди Петар Џорџиќ, за резултат од 17:14 на полувреме. Милиќ започна на голот, додека во последните пет минути од првиот дел шанса доби и малдиот Ѓорѓески кој стигна до првата одбрана.
Вториот дел започна со гол на Николенкау, а на нашиот гол застана Арпад Штербик. Во 38 минута преку Дибиров ја вративме најголемата предност (20:16), а истиов играч имаше можност да донесе најголеми пет гола разлика, но ја погоди само стативата. Сепак Македа успева со својот втор гол да донесе најголема предност (23:18) во 45 минута. Кога е Штербик на голот тогаш е полесно, нашиот голман брани удари, што м овозможува на Мрсениќ да зголеми на 24:18. Прашањето за конечниот победник стана многу појасно кога Борозан со “бомба“ удар успева да зголеми на 27:20, а веднаш потоа и Дибиров и Кањелас да го погодат празниот гол на Мешков, за веќе убедливи 29:20. Во листата на стрелци се запишува и нововлезениот Јана Војводиќ кој ја одржува најголемата предност. Најубавиот гол на мечот го постигна репрезентативецот Мартин Поповски и тоа со цепелин-гол, на асистенција на Дибиров. На крајот конечниот резултат е 31:23
Најефикасен во нашите редови беше Вуко Борозан со 6 голови, додека Иван Чупиќ постигна 5. Штербик имаше 8 одбрани, Милиќ 3 и Ѓорѓески 1. Ова беше трета победа во низа за Вардар во СЕХА-лигата.