Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Продолжува победничката серија на Вардар, вечерва “настрада“ Татран а следен е Нант
Продолжува победничката серија на Вардар, вечерва “настрада“ Татран а следен е Нант

Продолжува победничката серија на Вардар, вечерва “настрада“ Татран а следен е Нант

Вардар продолжува со силно темпо да ги одигрува своите натпревари. Татран Прешов е последната екипа, која вечерва “настрада“ пред налетите на Вардарци, кои стигнаа до уште една сигурна победа, која беше вкупно четврта од исто толку одиграни мечеви во СЕХА-лигата.

Натпреварот започна со гол на Дибиров, а во следните осум минути се играше гол за гол, се до моментот кога Вадрдар постигна два гола во серија и за прв пат имаше предност од 6:4. За момент Татран намали на 6:5, но црвено-црните иако имаа играч помалку на теренот направија серија од 3:0, од кои последните два гола беа дело на Шишкарев од контра-напад, за највисоки четири голови предност (9:5). Гостинската екипа се обидуваше да парира на нашиот состав, но очигледно дека Вардарци беа расположени за уште еден добар натпревар. Без оглед дали се работи за меч од СЕХА или лигата на шампионите, избраниците на Гонзалес играат мотивирано и до крај со сите сили. Кога се мислеше дека Татран фаќа чекор, кога со голот на Крок намали на 11:9, Вардарци направија нова серија од 5:0 и поведоа со високи 16:9 Во тие моменти, Татран на теренот имаше само тројца играчи, што поради исклучување поради груб прекршок, што поради неправилна измена на теренот. Ние тоа добро го искористивме и на полувреме се замина со водство од 18:11. На голот шанса доби младиот Даниел Ѓорѓески кој имаше пет успешни интервенции.

Вториот дел започна со одбрана на Ѓорѓески, додека Фереира со два гола во серија зголемува на најголеми 20:11. Сепак Татран  за само четири минути успева да направи серија од 0:4 и да намали на 20:15.  На голот одличен беше украинецот Чуприна, кој стигна до својата деветта интервенција. Вардар не му дозволи на притивникот повеќе да се доближи и врати со три последователни голови, од кои еден беше на нововлезениот Поповски, за повторно да имаме високи 23:15. Во игра влезе уште еден млад играч, се работи за Тоше Ончев кој веднаш успева да се зпише во листата на стрелци, откако во контра напад го пронајде Ѓорѓески. Вардар продолжи во исто темпо и во второто полувреме, а Поповски со својот втор гол зголемува на 26:18. Радува играта на младите играчи во составот на Раул Гонзалес, кој се повеќе им дава шанса за настап во ова натпреварување. Уште една одбрана на Ѓорѓески, а до вториот гол на натпреварот стигна и Ончев, кој зголеми на 29:20. Мал пад и опуштање во нашата игра, кој му дозволи на Татран да постигне пет последователни голови и да намали на сам 29:25 во 54 минута. Лошата серија ја прекина Карачиќ кој после четири минути постигна гол за својот тим. Одлична акција на Вардар, во која учествуваа Македа и Карачиќ, а реализатор беше Поповски за негов трет гол. Точка на натпреварот стави голманот Ѓорѓески со својата осма одбрана. Конечниот резултат на крајот е 32:28.

По четири голови во нашиот состав постигнаа Фереира, Дибиров, Карачиќ, Шишкарев и Борозан. Во сабота не очекува натпревар против екипата на Нант, во рамките на второто коло од ЛШ.