Вардаровата генерација родени “2004“ немаа поголеми проблеми во рамките на осминафиналето од купот. Попладнево на теренот на академијата, црвено-црните со рутинска победа ја елиминираа екипата на Пелистер, совладувајќи ги со резултат 7:0.
Тренерот Кралевски стартуваше со следниве 11-сетмина: Ангелов, Јаневски, Милошевски, Павлески, Серафимов, Хајдари, Богдановски, Стоимов, Гуџуфи, Стојановски, Каровски.
Вардар имаше целосна контрола на наиграта на овој натпревар. Пелистер беше безопасен и речиси да не ја помина нашата половина. Георг Стојановски прв имаше обид со глава, но одбрани голманот на битолчани. Сепак Стојановски во следната акција успеа да му донесе водство на Вардар од 1:0. Од корнер нафрли Стоимов, а на вистинското место се најде Георг кој со нога ја гурна топката во голот. Матеј Богдановски имаше можност да погоди, но неговиот удар заврши само во пречката. Продолживме со атак кон голот на Пелистер, а успеваме да постигнеме и втор гол, а прв на мечот за Гуџуфи, кој биеше од 20 метри, голманот ја зафати топката, но не доволно да спречи да заврши во неговата мрежа, за предност од 2:0. Стојановски и оваа сезона покажува дека ќе биде врвен голгетер, а неговата умешност ја покажува уште еднаш кога доби топка од неговите соиграчи, се ослободи од голманот и ја смести топката во голот, за водство на Вардар од 3:0.
Тренерот Кралевски направи прва измена, на местото на Гуџуфи во игра е Филип Јовановски. На четвртиот гол не се чекаше многу време, а кој друг ако не Стојановски кој со хет-трик му носи предност на својот тим од 4:0. Во шанса се најде и десниот бек на Вардар, Никола Павлески, кој од својата страна повлече топка шутираше, но со прекрасна интервенција, голманот на Пелистер спречи поголема негатива. До крајот на првото полувреме уште еден гол во мрежата на Пелистер, за четврти гол зад името на Георг Стојановски, кој повторно го пронаоѓаат од корна, овој на вистинското место за нов гол. На полувреме се замина со резултат од 5:0.
На стартот на второто полувреме беа направени четири измени во редовите на Вардар. Од игра излегоа Јаневски, Хајдари, Стоимов и Каровски, а на нивно место влегоа С.Стојановски, Попов, Ивановски и Сурлов. Токму нововлезениот Горазд Попов успева да го зголеми резултатот на 6:0. И во вториот дел се редеа шансите пред голот на Пелистер. Обиди имаа Стојановски, Ивановски и Попов, но голманот на битолчани во сите наврати ги одбрани ударите. Мора да се напомене дека тој е најзаслужен што Пелистер не го загуби натпреварот со двоцифрена негатива. Мајсториски удар имаше Георг, но топката не го посака и заврши во стативата. Во листата на стрелци до крајот на мечот се запиша и Лука Ивановски, кој погоди за водство од 7:0, со што го постави и конечниот резултат на крајот.
Рутинска победа за избраниците на Кралевски, уште од самиот старт се виде која екипа е поквалитетна, беше само прашање колку голови ќе постигнеме.