Нова победа за Вардар во рамките на СЕХА-лигата. Целје уште еднаш го заврши мечот со наведнати глави во дуелот со нашиот шампион. Ниту домашниот терен и публика не им помогна на словенците да извадат поволен резултат во дуелот со Вардар, кој во најголем дел од мечот имаше водство и контрола на резултатот. Иако Целје на моменти се доближуваше до само еден гол негатива, сепак Вардар покажа дека и оваа сезона се најголеми претеденти за одбрана на трофејот во ова натпреварување. На крајот славевме со резултат 28:31. На прес-конференцијата после завршување на мечот пред медиумите се обрати тренерот на Вардар, Раул Гонзалес кој го изјави следново:
-Сакам да и честитам на екипата на Целје затоа што тие играа добар ракомет, а ние моравме да се мачиме за да победиме. Секогаш кога играме со овој противник имам голем респект спрема нив. Тешко е да се игра против Целје кога играат на домашен терен, тим кој има брза транзиција во нападот и агресивна одбрана. Во првите 30 минути не бевме на ниво во одбраната и да бидем искрен Целје играше безгрешно. Немавме многу контри, не функциониравме баш најдобро ниту во нападот, но потоа, голманите забележаа неколку одбрани, одбраната почна да игра на ниво и дојдовме до победа. Целје не се предаде ниту еднаш во еден момент и секому ќе му биде тешко да игра против нив оваа сезона.