Викендов следуваат нови натпревари за младинските екипи на ракометниот клуб Вардар, во рамките на своите групи од младинските лиги.
Во недела ќе се одигра последното коло од есенскиот дел во женската младинска лига. Настапи ќе имаат двете екипи на Вардар. Младинките на Вардар предводени од Анжела Платон гостуваат на екипата на Гевгелија, натпревар кој ќе се одигра во недела, со почеток од 14:30 часот. Вардар Јуниор пак, под водство на Драгана Пецевска се домаќини на екипата на Ѓорче. Мечот е закажан да се одигра исто така во недела, кој ќе стартува од 12 часот. На табелата, прва е екипата на Металург која има 15 бодови, Вардар Јуниор е втор со 12, додека Вардар се трети со 9 освоени бодови.
Своето петто коло во рамките на групата 1 од пионерската лига ќе го одиграат и пионерките на Вардар. Тие во недела со почеток од 10 часот на Кале, ја пречекуваат екипата на Велкова 5. По четири одиграни кола, оваа генерација на Вардар има три победи и еден пораз.
Младинците на Вардар своето редовно коло во младинската група 1 ќе го одиграат во вторник со почеток од 19:30 часот на домашен терен, додека другата младинска екипа, предводена од Пепи Манасков, Вардар Јуниор го заврши есенскиот дел од сезоната во својата група 2, на последното место на табелата без ниту еден освоен бод.
Викендов на распоредот на младинските лиги во машка конкуренција е само натпреварот на кадетите на Вардар предводени од Будимир. Тие се домаќини на ГРК Гостивар, а се игра во СЦ Кале на 26 ноември, недела, во 14.30 часот во Кале.