*Вечерва на Академијата на фудбалскиот клуб Вардар во Скопје за првпат се играа дуели под рефлектори, во истите две победи забележаа црвено-црните тимови. Повеќе во продолжение..
Вечерва во рамки на 12 коло во првенството на младинските фудбалски категории кадетите на ФК Вардар на Академијата во градски парк ја пречекаа екипата на ФК Шкендија во дербито. Момците на Колев триумфираа во дуелот со врсниците од Тетово 1-0 (1-0). Влатко Колев мечот го почна со: Тимевски, Калчиновски, Радевски, Пешевски, Младеновски, Дарлишта, Адем, Благоевиќ, Димовски, Ибиши и Стојановски.
Дуелот почна со цврста игра на двете страни, двата тима се обидоа да ги загрозат головите на Тимевски Бојан и Абази Бујар, но неуспеваа во намерата. Моментот кој го реши овој дерби натпревар помеѓу двата црвено-црни состави го видовме во првиот дел од натпреварот. Вештиот Али Адем успеа да го надмудри Абази Бујар и да ја упати топката “зад неговиот грб“. Со овој погодок успеавме да го однесеме дуелот на одмор со предост за нас. Во вториот дел голманите на двата тима и одбраните не дозволија повторно погодок во било која од мрежите. Со тоа ние дојдовме до победа во ова дерби.
Веднаш потоа исто така во рамки на 12.коло во првенството на младинските фудбалски категории младинскиот тим на ФК Вардар на Академијата во Градски парк ја пречекаа екипата на ФК Шкендија во дербито. Момците на Петар Ѓоргиевски дојдоа до висока победа во дербито со ривалот од Тетово. Скопските црвено-црни на овој натпревар кој е прв дуел на рефлектори во младинската лига за нашиот тим победија со 4-1 (2-0).
За нас овој дуел го играа: Велковски, Дишлиевски, Антовски, Ѓоргиевски, Наумчевски, Серафимовски, Јахја, Милковски (капитен), Колевски, Реџепи и Бериша. Тренер: Петар Ѓоргиевски.
Младинците веќе по крајот на првите 45.минути беа сигурни дека ќе дојдат до победа на овој дуел. Јакуп Бериша беше немилосрден за противвникот тој најпрвин погоди за 1-0, а потоа успеа да го удвои нашето водство и да зголеми на 2-0. Токму со оваа висока предност отидовме на одмор на овој натпревар. Вториот дел донесе најпрвин преполување на нашето водство, гостинот од Тетово успеа да намали на 2-1 во вториот дел. Сепак нашите момци дадоа повторно максимум и нападнаа со сите сили со цел да постигнат гол за враќање на предноста. До крајот на мечот најпрвин зголемивме на 3-1 и ја вративме предноста од “плус два“, а потоа постигнавме гол за потврда на доминацијата, односно за 4-1. Во вториот дел “талични“ за тетовските црвено-црни беа нашите Колевски Бојан и Филип Антовски.