Иако настапивме без неколку стандардни играчи, како Дибиров, Борозан, Чупиќ Стоилов, Карачиќ, како и голманот Милиќ, Вардар немаше поголеми проблеми да стигне до својата 11-сета последователна победа во СЕХА-лигата и триумфално да ја заврши најуспешната година во историјата на клубот. Совладана беше екипата на Горење со резултат 24:30.
Стартот на натпреварот најави дека Вардар е дојден во Велење да ги освои и однесе бодовите во Скопје, откако поведе со 0:3, а на домашниот тим му беа потребни пет минути да го пронајде патот кон нашиот гол, откако претходно во својот прв обид, Горење не успева да реализира удар од седум метри, односно најдобриот играч за 2017 година, Арпад Штербик го брани ударот. Расположен на стартот од мечот беше Хорхе Македа кој постигна три од вкупно шест голови, во моментите кога стигнавме до водство од четири голови разлика (2:6) во 11 минута. Противникот се обидуваше да парира на разиграниот Вардар, но најмногу што успеа да стори во првиот дел е да намали на три гола негатива. Така беше во 17 минута, кога Цехте намали на 6:9, но бргу вратија црвено-црните кои со головите на Циндриќ и Македа, одат повторно на максимални пет голови позитива. Уште во два наврати имавме предност од пет гола, а со истава разлика можевме да заминеме и на пауза, но Војводиќ не успева да реализира зицер удар, додека домашниот тим не го реализира последниот напад, па така првото полувреме заврши со резултат 12:16 во наша корист.
Македа игра одличен натпревар и со својот седми гол од исто толку обиди му носи водство на Вардар од 15:20, додека Арпад Штербик спречува во серија два уари од седум метри на Горење и покажува зошто е најдобриот играч во годината која полека изминува. Својот прв гол на натпреварот го постигнува и Кристопанс и тоа за најголема предност на Вардар о шест голови (16:22). Циндриќ се израмнува со бројот на постигнати голови, како и Македа и веќе го зголемува резултатот на 17:24, додека прв гол постигнува и крилото, Мартин Поповски за уште поубедливи 17:25 во 48 минута од натпреварот. Последниот дел од мечот беше чиста рутина за Вардарци, кои слават нова голема победа, изразена со резултат 24:30.
Најефикасни беа Македа и Циндриќ кои постигнаа по 7 голови, додека 6 беа дело на Марсениќ.
Во овој дел од сезоната Вардар забележа 11 последователни победи во СЕХА-лигата, додека во лигата на шампионите од десет одиграни меча имаме осум победи и два нерешени резултати. На настапите се враќаме во февруари, следната година, а од 12-26-ти јануари актуелно ќе биде ЕП во Хрватска, на кое исто така ќе гледаме играчи на Вардар.