Ракометарите на Вардар со последни подготовки пред стартот на ЕП во Хрватска. Активни беа четворица играчи на Европскиот шампион, кои забележаа победи со своите репрезентации.
Шпанија стигна до првата победа на контролните натпревари, како подготовка за Европското првенство во Хрватска. Избраниците на Жорди Рибера успеаа да слават во дуелот со Белорусија.
Во најголем дел од првото полувреме, Белорусија беше репрезентацијата која беше во предност. Во првите седум минути се играше гол за гол, но Шпанија цело време беше во негатива, додека Белорусите успеаа да се одлепат на три гола разлика (6:9). Истава разлика ја одржуваа и на шест мунути пред крајот на првото полувреме, кога резултатот беше 12:15. Сепак шпанците се разбудија и до истекот на првите 30 минути успеваат да направат серија од 6:1 и на одмор да заминат со водство од 18:16.
Победникот на овој меч беше решен во првите пет минути од второто полувреме, кога продолжи добрата игра и серијата на “фуријата“ која направи серија од 5:0 и поведе со највисоки седум голови разлика (23:16). Од тој момент домашната репрезентација имаше целосна контрола на резултатот. Најголемата предност на Шпанија беше осум голови, додека најмногу што успеа да намали Белорусија беше на пет гола разлика. На крајот конечниот резултат гласеше 35:30.
Единствениот вардарец во дресот на Шпанија на овој натпревар беше Жоан Кањелас, кој успеа да постигне два гола.
Хрватска пред својата публика успеа да го скрши отпорот на Црна Гора и да слави со резултат од 25:22. Црна Гора прва го отвори резултатот за 0:1, но вратија избраниците на Червар, со првите голови на Степанчиќ и Дувњак за прва предност. Од тој момент па се од крајот на натпреварот, Хрватска не дозволи да го испушти водството. Црна Гора успева да намали на 7:5, но следат два последователни голови на Лука Циндриќ, за највисока предност од 9:5. До крајот на првиот дел, домашната репрезентација одржуваше водство, кое се движеше од 3-4 голови разлика, иако имаа и напади за највисоки пет гола. По истекот на првите 30 минути, резултатот гласеше 13:10.
Борбените Црна Горци не се предадоа и во вториот дел го намачија противникот да стигне до победа. Избраниците на Џукиќ се заканија на предноста на Хрватска, кога намалија на само еден гол разлика, но на голот, Иван Пешиќ не дозволи резултатски пресврт, кој успеа да сврзе неколку одбрани. На крајот заслужен триумф за Хрватска, која во истава арена, во рамките на првото коло на ЕП ќе ја пречека селекцијата на Србија.
Играчите на Вардар имаа свој придонес во триумфот на Хрватска. Циндриќ и Чупиќ постигнаа по три голови, додека Карачиќ беше стрелец на еден гол.