Лука Циндриќ е најдобриот ракометар на Хрватска за 2017 година. На полувремето од пријателскиот натпревар помеѓу Хрватска и Црна Гора, хратскиот ракометен сојуз ги прогласи најдобрите за 2017 година. Ова е прва ваква награда за Циндриќ, кој во изборот ги победи своите соиграчи од Вардар, Чупиќ и Карачиќ.
-Не знам што да кажам. Минатата година беше навистина одлична. Иако помина многу време од освојувањето на Лигата на Шампионите и понатаму не стивнуваат емоциите, кога повторно ги гледам тие два натпревари во Келн. Мислам дека во Вардар направивме многу голема работа, со освојувањето на Лигата на Шампионите. Сега сум тука со репрезентацијата, атмосферата е одлична и се надевам дека ќе продолжам со добрите резултати, какви што направив на клупски план, истакна Лука.
Наградата за најдобра ракометарка и припадна на Андреа Пенезиќ, за која ова е дури осмо вакво признание.
-Жалам што вечерва не сум во Сплит и што не можам да присуствувам на доделување на наградата. Сакам да се заблагодарам на сите кои својот глас го дадоа за мене. Голема е честа да добиеш вакво признание по осми пат, кое ќе ми претставува поттик за уште подобри игри. Од срце благодарам на сите за поддршката, рече Пенезиќ.