Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Јаневски: Не е тајна дека имаме план да донесеме нови играчи, eден не ги помина лекарските прегледи и не потпиша, затоа тука е планот „Б“ и очекувам во следниот период Вардар да добие уште некое ново име
Јаневски: Не е тајна дека имаме план да донесеме нови играчи, eден не ги помина лекарските прегледи и не потпиша, затоа тука е планот „Б“ и очекувам во следниот период Вардар да добие уште некое ново име

Јаневски: Не е тајна дека имаме план да донесеме нови играчи, eден не ги помина лекарските прегледи и не потпиша, затоа тука е планот „Б“ и очекувам во следниот период Вардар да добие уште некое ново име

Според тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски подготовките на Вардар течат добро. За клубскиот сајт тренерот на “црвено – црните” говори за начинот на работа во Анталија, за тоа дали ќе има нови засилувања и слично. Во продолжение интервјуто на Јаневски.

Како поминуваат подготовките на екипата во Анталија?

„Планот што го направивме пред доаѓањето тука во Анталија, на среќа и на мое задоволство оди по нормален тек. Сè што е планирано до сега е исполнето. Работиме во добра атмосфера, новите играчи одлично се вклопија, исто така и младите фудбалери од нашата школа добро работат. Можеме да бидеме задоволни до сега, и главната цел до сега во првите десетина дена ни беше да се подобриме на физички план што ќе биде многу важно за вториот дел од првенството. Низ првите три натпревари сакавме да им дадеме шанса на сите играчи, правевме многу измени во текот на мечевите и затоа можеби и резултатски не поминавме добро. Важно беше да пробаме на некои позиции нови играчи, се случуваа многу ротации, а на некои позиции бевме принудени да играме со исти фудбалери. Резултатите секако се важни, но најважно ни е, како што реков, добро да се подготвиме и низ натпреварите, и низ тренинзите кои ги работиме во Анталија“.

Каков е здравствениот билтен на тимот во моментов?

„Како што знаете, Дарко Велковски се врати во Скопје. Неговата повреда не е голема, туку е незгодна. За жал, го загубивме за овие подготовки, и тоа за еден играч е незгоден момент. Ќе мора она што го работиме ние сега тој да го надоместува во текот на првенството кога екипата ќе игра натпревари. Мала пауза имаа Попов и Глигоров, меѓутоа тоа се ситни повреди поради кои паузираа ден – два, со нив во моментов сè е во ред. Го имаме на располагање и Фелипе кој ни се приклучи, со што комплетни ги продолжуваме овие подготовки“.

Тука на подготовките Вардар има десетина фудбалери кои што имаат под 21 година. Значи ли тоа дека ќе се подмладува екипата во иднина?

„За мене најдобро би било да има спој на младост и искуство, но пред се мора да има квалитет. Искусен играч може да биде и со 22-23 години кој има одиграно 50-60 прволигашки натпревари. Годините не се важни, туку квалитетот. Имаме искусни играчи кои им помагаат на младите, и тоа ме радува. Со овие фудбалери кои ги имаме во моментов, и плус уште двајца играчи со квалитет подобар од сегашните фудбалери, јас би бил задоволен. Точно дека се случи еден мал така да кажам „ремонт“ на тимот, на некои места не планиравме, но на некои позиции свесно го направивме тоа. Од порано реков дека Вардар е должен да ги собира сите квалитетни млади играчи, иако од друга страна знам дека е тешко со младост да се дојде до успеси и до титули. Тоа е процес кој трае  и треба многу да се работи. Од друга страна, пак, логично беше во овој преоден рок да има интерес за наши фудбалери како што беше случајот со Николов, претходно и со Спировски. После една добра сезона во која се освои титулата, во која се направи тој меѓународен успех, секако дека играчите ќе паѓаат во око на другите тимови, и интересот од другите клубови е неизбежен“.

Им давате шанса и на младите фудбалери низ натпреварите, а веќе еден од нив, младиот Бериша, постигна и гол. Дали можеме да очекуваме да видиме некои од нив и на официјалните мечеви од пролетниот дел од сезоната?

„Овие играчи новите имиња и младите фудбалери од нашата школа се со нас по нивна заслуга  и по игрите кои ги пружија во пролетниот дел од сезоната во нивните тимови или во нивните категории. Сè ќе зависи од нив. Конкуренцијата во Вардар е голема, а знаеме дека конкуренција секогаш е добродојдена за да се подобри квалитетот. И за нив ова е едно големо искуство. Сите имаат квалитет, и затоа се со нас, но би го издвоил посебно младиот Јакуп Бериша кој што има тренирано со нас и беше на клупата за резерви на натпреварот со Ренова во есенскиот дел. Од физички аспект е подготвен рамноправно како и многу поискусни фудбалери, иако за него ова е само први подготовки. Би сакал да кажам дека сите кои се тука со нас на овие подготовки, ќе конкурираат за натпреварите од пролетниот дел, и оние поискусните како и младите играчи. Јас сум тренер кој што сака да форсира млади играчи, но од друга страна треба тоа постепено да се прави за да не ги „изгориме“, или да не ги префорсираме. Сепак, за некои фудбалери ова се први подготовки и затоа тука треба да внимаваме. А дека Вардар ќе смета на нив тоа е сигурно. И на крајот повторно ќе кажам многу работи зависат од нив самите и од нивната работа и желба на тренинзите и на натпреварите“.

Остануваат уште три натпревари до крајот на подготовките. Што може да се очекува од тие мечеви?

„Следниот натпревар кој што ќе се игра во среда со Заглебје, планираме еден тим да игра веќе 75-80 минути и да направиме само три измени. На првите натпревари да кажам се „прават“ километри, се подобрува физичкиот дел. Имавме желба и да победуваме, тоа е нормално кај една екипа како Вардар, но во преден план беше физички да се подобриме, да ја направиме играта побрза, да имаме колективен пресинг. Сето тоа на некои моменти успеваше, на некои не. Се случуваа и многу измени на составот во текот на мечот и се губеше од ритамот. Сега на следните три натпревари веќе почнува она „избистрување“ на тимот, за првите 11 играчи за првиот натпревар од пролетниот дел. Нормално дека сакаме да победуваме, да оствариме добри резултати и се надевам дека тоа ќе го направиме“.

На првите три натпревари тимот постигна само еден гол. Сметате ли дека треба да се подобри реалиацијата на играчите од нападот?

„Секојдневно разговараме индивидуално со секој фудбалер и имаме одлична релација помеѓу стручниот штаб и играчите. Знаеме дека реализацијата е проблем. Одбраната ќе биде повторно солидна, ама во нападот имаме една стара болка. И кога победувавме во првиот дел од сезоната, ретко тоа го правевме со голема разлика. Од мене и од Вардар се бара да ги добиваме натпреварите порано, а не да стравуваме до крајот. Иако имаме доста играчи во нападот, имаме проблем со тоа последно додавање. Затоа останува уште една недела тука и потоа кога ќе се вратиме во Скопје, да посветиме уште поголемо внимание на тој план. Бидејќи не можеме да очекуваме на секој натпревар да правиме по десетина шанси. Треба да бидеме свесни дека бодови се освојуваат со голови и затоа сметам декаќе треба да се подобриме, и секако, ако е можно да ја зголемиме конкуренцијата во нападот, и покрај тоа што повторно ќе кажам имаме доста играчи во офанзивната линија и сите добиваат шанса низ овие подготовки“.

Можеме ли да очекуваме Вардар да добие уште некое ново име до крајот на преодниот рок?

„Не е тајна дека имаме план да донесеме нови играчи. Еден не ги помина лекарските прегледи и не потпиша. Затоа тука е планот „Б“ и очекувам во следниот период Вардар да добие уште некое ново име во своите редови. Не би сакал сега ништо подетално да откривам, сите ќе дознаат кога ќе биде и официјално дел од нашиот клуб. Правиме напори да донесеме засилувања, за да направиме компактибилен тим. Свесен сум дека не е лесно, затоа што како што реков и порано во зимскиот преоден рок тешко се наоѓаат квалитетни играчи кои се во натпреварувачки ритам. Бевме многу блиску да донесеме нов фудбалер, но се случи да падне на лекарскиот преглед. Имаме неколку млади играчи кои што можат да ни помогнат, иако знам дека со уште еден – двајца нови и искусни играчи на клучните позиции, ќе бидеме уште посилни“.