Денес на теренот во склоп на трениг центарот на ФК Вардар во Хиподром се одигра тест дуел помеѓу младинците на фудбалскиот клуб Вардар и сениорскиот тим на второлигашот ФК Локомотива од Скопје. Црвено-црните младинци предводени од Бобан Бабунски дојдоа до висока победа со петарда, односно со резултат 5-0.
Првиот дел мина во целосна доминација на вардаровите надежи кои играа претежно на противничката половина, создадоа серија шанси, а нашиот голман Тимевски Бојан речиси немаше работа во текот на првиот дел. Во првиот период од дузината прилики успеавме да искористиме неколку. За 1-0 и отварање на водството стрелаше Дејан Маркоски, а потоа Милан Благоевиќ успеа да ја удвои предноста погодувајќи за 2-0. До крајот на првиот дел стрелавме уште еднаш, за предност од 3-0, резултат со кој и се замина на одмор погоди Марио Младеновски.
Во вториот период двата тима направија серија измени, но и понатака ние имавме прилики за нови погодоци. Локомотива се закани само 2-3 пати, а еден “зицер“ успешно го одбрани Мето Велковски, кој покрај оваа одбрана имаше одличен настап, умешно ги проигруваше своите играчи од позадина во текот на вториот период. Ние за 4-0 погодивме преку Алекс Талевски кој беше стрелец на првиот гол во продолжението од овој дуел. Последниот погодок за дуелот за “петарда“ во мражата на второлигашот од Скопје го постигна Оливер Дишлиевски. Талентираниот офанзивен играч од Охрид во нашите редови умешно погоди 5-0 и за ставање “печат“ на крајот.