Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Најава на 11 коло во ЛШ, какви се шансите на екипите за осминафинале и каков би можел да биде конечниот распоред на табелата во најсилната група А
Најава на 11 коло во ЛШ, какви се шансите на екипите за осминафинале и каков би можел да биде конечниот распоред на табелата во најсилната група А

Најава на 11 коло во ЛШ, какви се шансите на екипите за осминафинале и каков би можел да биде конечниот распоред на табелата во најсилната група А

После малку подолга пауза поради Европското првенство во Хрватска, претстојниов викенд се враќаме на натпреварите од Лигата на Шампионите. На програмата е 11 коло, во кое може и да бидат познати некои работи околу конечниот пласман на табелата во најсилната група А, или да ни даде прилична слика како би можеле да бидат распоредени екипите од првото до осмото место на табелата. Во наредниов текст ќе направиме најава и кратка анализа на сите натпревари, кои ни претстојат викендов, во нашата група.

За нас секако најинтересен е дуелот на нашиот Европски шампион, Вардар, кој ќе гостува во “Палау Блауграна“ на екипата на Барселона. Евентуална победа на Вардар на ова гостување и на Кристијанштад во дуелот со Нант ќе значи и сигурно обезбедено прво место во групата, кое носи директен пласман во четврфиналето. Негативниот биланс со каталонците кои го имавме полека го поправаме, а тој беше девет победи и само еден нерешен резултат, без триумф за црвено-црните се до одигрување на полуфиналето на Келн, кога Вардар излезе како победник и ја запиша првата победа во дуелите со овој противник. На полуфиналето на неофицијалното светско првенство, Барса ни врати за тој пораз и стигна до десетта победа во меѓусебните дуели, за Вардарци оваа сезона на првиот меч одигран во Скопје да стигнат до втората победа над Барселона. Што се однесува до силите со кои двете екипи ќе располагаат на теренот, во понезавидна ситуација е тимот од каталонија, кој е во трка со времето, да оспособи неколку играчи кои изминатиов период беа надвор од строј. Во оваа листа се Јуре Доленец кој се повреди пред почетокот на ЕП, а неговиот соиграч на десната бековска позиција, французинит Дик Мем се здоби со повреда на завршните мечеви за својата селекција на ЕП. Да биде “малерот“ поголем, на последниот меч во втората групна фаза на ЕП, со повреда се здоби и првиот голман на Барса, Гонзало Перез де Варгас, за кој уште не е сигурно дали ќе може да и помогне на својата екипа во дуелот со шампионот на Европа. Вардар не би требало да има такви проблеми, земајќи ги во предвид најавите дека Борозан, Чупиќ и Абутовиќ напорно се подготвуваат со екипата, која после мини турнејата во СЕХА-лигата се врати во Скопје и се подготвува за првиот предизвик во ЛШ, во оваа година. Сите карти се отворени на овој меч и шансите се подеднакви на двете екипи да слават победа. Вардар се уште е во поволна позиција, поради првото место на табелата и полесниот распоред до крајот на групната фаза, додека Барса нема право на кикс и секој изгубен бод на наредните натпревари ќе значи место подолу на табелата.

Да се биде или не, е прашање и за екипата на Кристијанштад, која доколку сака да обезбеди пласман во осминафиналето, ќе мора по секоја “цена“ да излезе како победник во дуелот со Нант, кој од друга страна доколку сака да продолжи да се “трка“ со Вардар, ќе мора со два бода да го напушти гостувањето против шведскиот шампион. Проблем за Нант ќе биде сигурно неиграњето на капитенот на Македонија, Кирил Лазаров, кој се повреди на дуелот со Шпанија на ЕП, кој ќе го пропушти овој, а сигурно и наредниот натпревар на неговата екипа. Предноста на Кристијанштад е во тоа што тие имаа само тројца свои ракометари на ЕП, за разлика од Нант, кој беше застапен со седум ракометари, од кои најголем дел од нив играа до самиот крај ( настапувајќи за селекциите на Шпанија и Франција). Швеѓаните имаат 6 бодови на табелата, два повеќе од ППД Загреб и Висла Плок, кои пак во ова коло играат меѓусебен дуел, што значи дека каков и да биде исходот на овој меч, а Кристијанштад да слави во својот дуел ќе отфрли сигурно еден конкурент помалку од битката за позицијата која носи пласман во елиминациската рунда. Шансите се подеднакви и за Кристијанштад и Нант, можеби домашниот терен е предност, за швеѓаните, но квалитетот е сигурно на страната на французите.

Европското првенство, можеби им дојде добро на екипите на Пик Сегед и Рајн  Некар, кои имаа лоши натпревари и неколку порази, како во ЛШ, така и во своите национални првенства, односно Пик Сегед сврза два нерешени резултати во Унгарија и самиот се откажа од битката за титулата. Прва „жртва“ на овие неуспеси беше Денис Бунтиќ кој предвреме доби отказ, додека на праг да добие таков документ беше и тренерот Хуан Карлос Пастор, кој управата реши да му даде нова шанса оваа година. Во недела се среќаваат Рајн-Некар и Пик Сегед. Избраниците на Јакобсен играат за повисок пласман на табелата, кој најмногу може да достигне до второто место, додека Пик Сегед е со мали шанси да се вклучи во таква борба, нивен најреален пласман е петтата позиција, но остануваат отворени во игра и третото и четвртото место, но за тоа да се случи, треба уште во недела да забележат победа, на тешкото гостување во Манхајм. Пак правиме споредба на играчите кои настапија на ЕП, за двете екипи. Бундеслигашот имаше дури 11 такви, додека П.Сегед само 4, што не мора ништо да значи, само се споменува како некоја споредителна околност.

Висла Плок и ППД Загреб во меѓусебен дуел, кој на програмата е во сабота, ќе се обидат да го фатат последниот “воз“, што се однесува до пласманот во најдобрите 16 екипи. Тој што ќе победи и ќе продолжи да се бори со Кристијанштад, тој што ќе загуби, шансите ќе му бидат сведени на “минимум“ да не кажеме дури и невозможно да се стори таков подвиг и да се стигне до шесттото место. Победа на Висла на гостувањето во Сегед ги врати во живот полјаците, со верба дека можат да обезбедат осминафинале на крајот од групната фаза. ППД Загреб после превземањето на Сарачевиќ како нов тренер игра се подобро и станува опасен противник за другите екипи. Добро започна годината за нив, славејќи победа на гостувањето против Целје, на меч од СЕХА-лигата. На првиот натпревар одигран во Хрватска, двете екипи одиграа со нерешен резултат, домашниот терен и публика сега ќе бидат предност на Висла Плок, додека Загреб мора да се справи со овој притисок, доколку сака бодови од гостувањето во Плок. Загреб имаше шест свои ракометари на ЕП, додека Висла 4, па полјаците имаа повеќе можност покомлетни да се подготвуваат за продолжение на настапите во ЛШ. За хрватите, сигурно дека ќе недостасува, голманот Матевж Скок, кој после ЕП реши да го напушти клубот и да потпише со Спортинг Лисабон, така да сега целиот товар на позицијата голман, ќе оди на Урх Кастелиќ, кој исто така е репрезентативен голман на Словенија.

Од најавите, гледаме дека не очекуваат интересни натпревари, на кои секој има свои шанси и свои “математики“ како да се совлада противникот, но и како би изгледал нивниот конечен пласман, по одигрување на завршните четири меча во најсилната група А, во која лидер е Вардар, со најголеми шанси така да биде и до крајот.