Вардар денес беше поразен од екипата на Силекс, во рамките на 22 коло од ПМФЛ. После одлуката на клубот да играме со младинци, очекувано беше да го загубиме овој дуел, иако нашите надежи дадоа се од себе на овој меч и воопшто не разочараа. Во најголем дел од натпреварот беа рамноправен противник на теренот, а до крајот Силекс трепереше за победата. Конечен резултат од 2:3 и двата гола беа дело на Јован Попзлатанов. Тренерот на Вардар, Јаневски за официјалниот сајт на клубот ги сподели впечатоците од денешниот меч.
-Ништо не можам да им забележам на овие млади играчи бидејќи ова е прв пат како играат заедно еден натпревар во сениорска конкуренција. Ниту еден тренинг заеднички не сме одработиле и затоа можам да кажам дека го дадоа својот максимум на овој натпревар, покрај овие другите работи што треба да ги имаме. Резултатот е таков, Силекс заслужено победи и освои три бода. Одлука е на клубот да играме со млади играчи, јас како тренер морам да ја почитувам и да водам тим кој што ми е даден во овој момент.
На прашањето дали Вардар има перспективна младина, Јаневски го одговори следното:
-Рано е да се каже низ еден натпревар. Дел од овие играчи кои настапија денеска веќе беа приклучени на првиот тим и на зимските подготовки на екипата. Реков и тогаш кога ги земавме, идејата е добра и треба најдобрите таленти да ги собираме во Вардар, се работи за перспективни фудбалери. Исто така кажав дека треба постепено да ги подготвуваме, а не сите 11 одеднаш. Во времето кога јас играв во Вардар, подмладувањето се правело постепено и младите играчи добивале постепено шанси во сениорска конкуренција. Ова денеска не беше таков случај, и затоа реков одлуката е на клубот, јас не можам да имам забелешки на нивната желба, но видовме дека овие млади момци не се подготвени физички да се носат со предизвикот во сениорската конкуренција. Жално ќе биде доколку ги истрошиме овие млади играчи бидејќи имаме згуснат распоред, а мислам дека ова темпо не можат да го издржат и играчи кои имаат минато многу подготовки. Затоа ќе видиме понатаму што ќе биде одлуката на клубот. Јас како тренер и мојот стручен штаб работам и тука сум да го водам тимот. Ова беа играчите за денешниот натпревар и ние игравме со нив.
Во среда се игра реванш натпреварот од 1/4 во купот на Македонија, против екипата на Шкендија. Со каков состав ќе излезе клубот останува да видиме до тогаш.
-Имаме средба со управата да видиме што ќе правиме понатаму. Реков дека младите играчи кои настапија денеска имаат одреден талент, инаку не би биле дел од Вардар на младинскиот тим, но јас повторно ќе потенцирам дека треба постепено да работиме со нив, за да не дојдеме во ситуација да ги „изгориме“. Децата не се физички подготвени за вакви натпревари, барем не сите однеднаш. Можеби 1-2 играчи би издржале покрај искусните. Ние ротиравме и низ есенскиот дел кога игравме на три фронта, и ние од стручниот штаб извадивме некои 3-4 деца на таа возраст кои што можат да се носат со предизвикот. Во овој момент треба добро да видиме колку ќе можат да се носат овие момци, и исто така не треба да заборавиме дека распоредот ни е доста тежок и згуснат.