Големиот проект на ракометниот клуб Вардар, “Јуниор“ лигата и оваа сезона продолжува со возбудувањата на ракометните терени. Голем број на школи од цела Македонија имаат можност да го почуствуваат натпреварувачкиот карактер со континуирано одигрување на мечеви. “Јуниор“ лигата им го дава потребното искуство на талентираните ракометари и им овозможува напредок во ракометната игра. Дел од ова натпреварување е Никола Стојчески, кој доаѓа од школата Кале-Вардар од Кичево, каде настапува за генерацијата родени 2002/03 година. Тој ја игра својата трета сезона во “Јуниор“ лигата а неговите почетоци со овој спорт се исто така во Кале-Вардар.
-Уште од мали нозе следам ракомет, за прв пат почнав да тренирам во второ оделение во ракометната школа Кале-Вардар од Кичево, под водство на Ѓоко Маркоски и Драган Кузманоски. Од тренинг на тренинг ракометот ми стануваше се поинтересен спорт и јас се вљубив во ракометот. Ова веќе ми е трета година како учествувам во “Вардар Јуниор лигата“.
Стојчески вели дека преку “Јуниор“ лигата стекнуваат поголемо искуство, а тука е секако и другарувањето со децата од останатите школи, кои се дел од лигата.
-“Јуниор лигата“ ја сметам за сериозен проект од страна на Вардар. Со секој наш одигран натпревар ние имаме се поголемо искуство. На второ место е секако другарството кое го стекнуваме со децата од другите школи. Нашиот клуб е еден од подобрите во оваа лига во сите генерации. Ова ми е седма година каде тренирам во овој клуб. Од нашите тренери сум многу задоволен, тие ни пренесуваат големо знаење и ни даваат огромна мотивација.
Кале-Вардар е еден од претедентите да се најде на завршниот турнир во “Јуниор“ лигата и да се бори за трофејот.
-Напорните тренинзи кои ги имам четири пати неделно не ми сметаат да го запоставам учењето и да не покажувам одлични резултати. Оваа полусезона за нашиот клуб помина одлично. Сега работиме со момците уште понапорно за да се пласираме на завршниот турнир.
Звонко Ивановски