На турнирот “Колониа Куп“ кој се играше во периодот од 3-6-ти април, првото место кај генерацијата родени “2004“ година го освои екипата на Вардар. Утрово нашите млади надежи славеа во големото финале против екипата на Спартак Плевен со резултат 4:1.
Се очекуваше противникот од Бугарија да пружи посилен отпор, но избраниците на Кралевски одиграа перфектен натпревар, на кој доминираа во текот на целиот меч. Уште по првото полувреме имавме солидно водство, кога црвено-црните на одмор заминаа со предност од 2:0 и тоа со двата погодоци на Георг Стојановски. Во вториот дел Спартак Плевен постигна почесен гол, за намалување на резултатот на 2:1. По овој гол, Вардар го напаѓаше противничкиот гол со цел повторно да ја затресе мрежата на бугарите, тоа и се случи во последните минути од натреварот. Најпрво Сандро Каровски го зголеми резултатот на 3:1, за точка овој меч со својот трет гол во финалето да стави Георг Стојановски и да го постави конечниот резултат од 4:1.
ФК Вардар: Ангелов, Љушев, Анчевски, Хајдари, Јаневски, Милошевски, Стоимов, Каровски, Гуџуфи, Стојановски, Попов.
На целокупниот турнир одигравме пет натпревари и забележавме исто толку победи. Имаме и импресивна гол разлика од 21 постигнат гол и само 3 примени голови. За најдобар играч на турнирот е прогласен Георг Стојановски, додека најдобар голман е Наум Ангелов.