Иако се очекуваше понеизвесно дерби и поголем отпор од тимот на Металург, од тоа ништо не се случи, па Вардар триумфираше убедливо на меч од петтото коло во супер лигата. Во С.Ц. Јане Сандански, вечерва избраниците на Гонзалез го прегазија Металург со резултат 37:18.
Уште на стартот од мечот му дадовме на знаење на тимот на Металург дека нема што да бара на овој меч, кога имавме фуриозен старт со три последователни голови за водство од 3:0.Првиот погодок гостите од Автокоманда го постигнуваат во 6 минута, кога погоди Пешевски за намалување на резултатот. Штербик како и на секој дуел, така и на овој влезе мотивирано и уште во првите 4 минути имаше забележано две интервенции. Следуваше и втор гол за противникот, откако по трет обид успеа во листата на стрелци да се запише и Јагањац. Тоа беше и последната резултатска рамнотежа која ја воспостави тимот на Металург. Беше и 4:3 за избраниците на Гонзалез да направат серија од дури 7:1 и во 20 минута да имаат највисоки седум голови разлика (11:4). Доста активен во овој период беше Данил Шишкарев, како и Дибиров и Кристопанс кои погодуваа од своите позиции, а Штербик стигна веќе до својата шестта одбрана. На Јовиќ не му помогна ниту играта со играч повеќе во напад и без голман, а црвено-црните се научија веќе како да се спротивстават на ваквата поставеност на противничките екипи, па без проблеми ја погодуваа празната мрежа на металурзите. Гостинската екипа делуваше немоќно, додека Вардар беше мотивиран и решен да слави убедливо, со што до крајот на сезоната би си го олеснил патот кон освојување на ншва шампионска титула. Конечно Јагањац со својот втор гол ја прекина лошата серија на неговиот тим кој цели десет минути не постигна гол, но црвено-црните покажаа дека разликата во квалитет е во класи, па со нова серија од 5:1 стигнаа до двоцифрена предност (16:6) беше резултатот во 26минута, откако погоди Лука Циндриќ за прва двоцифрена предност на вардарци. Рутински ги одработивме последните пет минути од првото полувреме, кога на одмор се замина со високо водство на нашиот шампион (18:9) беше по истекот на првите 30 минути, во кои Вардар доминираше на теренот и имаше целосна контрола на резултатот.
Уште подобар старт имавме во второто полувреме, кога со серија од 4:0 за само три минути стигнавме до највисоки тринаесет голови разлика (22:9), откако два последователни гола постигна Стоилов, додека еден беше ддело на Карачиќ. Александар Јовиќ повика тајмаут, но ниту тоа не делуваше на гостите, кои целосно беа несконцентрани и изгубени во нападот. Нови две одбрани на Штербик за веќе девет за нашиот голман, а Чупиќ и Стоилов постигнуваат голови за предност од 24:9, резултат кој стоеше на семафорот во 36 минута од мечот. Македонскиот репрезентативец во противничкиот дрес, Кузмановски по седум минути игра во вториот дел постигнува прв гол за неговиот тим. Вардар немаше проблем да постигне гол и со четири играчи на теренот, откако исклучувања добија Македа и Стоилов, но Марсениќ со својот четврти гол денес зголемува на 26:11. На голот застана и Даниел Ѓорѓески, а црвено-црните продолжија да ја зголемуваат раликата, во 49 минута имавме предност од 31:13, откако гол постигна Иван Чупиќ. Иако имавме голема предност, истата до крајот само ја зголемуваме, па на крајот славиме и повеќе од убедливо со резултат 37:18, за петта победа во супер лигата за Вардар.
Кањелас и Чупиќ најефикасни со по 6 голови, додека Дибиров и Шишкарев додадоа по 5 погодоци. Штербик имаше двоцифрен број на одбранети удари.
Вардар може полека да слави нова титула во првенството, со оглед дека има пет бодови повеќе од екипата на Металург. Во случај да имаме еднаков број на бодови во пресрет на последното коло кое треба да се одигра во Автокоманда, тогаш Металург ќе треба да слави со поголема разлика од денешната победа на Вардар, што е научна фантастика за тимот од Автокоманда. Црвено-црните имаат за цел да ги одбранат четирите трофеи од минатата сезона, веќе едниот го одбранија во СЕХА-лигата, на дофат е и супер лигата, а за избраниците на Гонзалез останува борбата за националниот куп во кој сме големи фаворити, како и на завршниот турнир во Келн, каде ја браниме Европската титула.