Денес во спортскиот рекреативен центар Кале се одиграа завршните натпревари од “Јуниор“ лигата кај генерацијата родени 2004/05 година. Во машкиот дел трофејот му припадна на РК Илинден, кој всушност го одбрани првото место од минатата сезона. Во големото финале, избраниците на Дарко Јанев ја победија екипата на Карпош од Куманово, додека третото место е за РК Ангели кои во малото финале беа подобри од тимот на Урдаревски.
Во големото финале екипата на Илинден успеа да го совлада тимот на Карпош од Куманово. Уште од првата минута избраниците на Дарко Јанев имаа водство кое го задржаа до истекот на 40-те минути. Започнаа фуриозно илинденци кога поведоа со 3:0, а на својот прв гол екипата на Карпош чекаше до осмата минута, кога намали на 3:1. Првото полувреме беше клучно за конечниот победник во ова големо финале. Илинден имаше високи 14:6 во првите 20 минути, а кумановчани касно се “разбудија“ во второто полувреме кога дојдоа до само три гола негатива, но Илинден се снајде и во периодот кога Карпош играше пресинг по цел терен. По десет минути игра во второто полувреме, екипата на Илинден се одлепи на четири голови разлика (6:2), а нивниот голман, Никола Спасовски одлично бранеше, што беше стимул за неговите соиграчи да го зголемуваат водството. Немаше одговор Карпош во првото полувреме за разиграниот Илинден и за нивниот најдобар поединец, Петрушевски, кој потпомогнат од Колевски и Стојменов на полувреме му донесоа на Илинден високо водство од 14:6. На стекнатата разлика ликуваше и голманот Спасовски, кој како што напоменавме имаше неколку добри интервенции. Во првиот дел беше запран и најдобриот играч на Карпош, Давид Димевски, кој пак во второто полувреме го покажа својот врвен квалитет кој го поседува, па речиси сам играше против цел Илинден.
Токму со три сврзани последователни голови на Димевски, екипата на Карпош покажа дека не случајно се нашле во финалето, па во 27 минута намалија на само четири гола негатива. Пресингот кој го наметна Карпош и “бркотницата“ по теренот со играчите на Илинден, беше една од причините за намалување на предноста на Илинден. Сепак во вакви финалиња, голема е разликата од осум голови, а Карпош немаше сили цели 20 минути да брка негатива. Андреј Петрушевски успеа повторно да им врати пет голови предност на Илинден и да стави точка на ова големо финале. На крајот конечниот резултат гласеше 22:17.
Најдобри стрелци кај победникот беа Петрушевски и Стојменов со по 6 голови, додека кај Карпош очекувано, Димевски беше лидер со дури 11 голови.
Во мечот за “бронза“ до победа дојде екипата на РК Ангели Вардар во мечот со РК Урдаревски Вардар со резултат 22-14. Мечот почна со по еден гол на двете страни за почетни 1-1. Потоа се играше одличен ракомет, со цврста игра и двата тима постојано беа рамноправни. На семафорот во Кале беше постојано резултатска симетрија (2-2,3-3,4-4…7-7). Во последните минути по последното изедначување 7-7 екипата на РК Ангели Вардар со серија 0-3 поведе со 7-10 и го однесе натпреварот на одмор со предност за нив.
Вториот дел на почетокот мина во целосен знак на екипата на РК Ангели Вардар, тие со одлична игра во почетните минути ја најавија “брозната“. Со фантастична серија 0-5 на самиот почеток тие поведоа со огромни осум гола предност, на семафорот во “Кале“ стоеше резултатот 7-15 во нивна корист. Се до крајот беше чиста формалност, двата тима играа игра гол за гол и до последниот судиски свиреж постигнаа по седум погодоци во противничките мрежи. Мечот се заврши со резултат 22-14 за Ангели, кај нив први стрелци со по пет гола беа Станојоски и Костоски. Кај поразените Томевски и Петровски имаа по три гола зад своето име.