Денес во Битола се одигра реванш натпреварот од 1/2-финалето помеѓу пионерските екипи на битолски ФК Пелистер и Вардар. Нашите момци дојдоа до висока победа со резултат 0-3 (0-0(, за напомена на првиот дуел одигран во Скопје, избраниците на Петар Ѓорѓиески славеа минимално со резултат 1:0. Со вкупни 4-0 од двомечот оваа генерација обезбеди големо ФИНАЛЕ во купот на Македонија во фудбал.
Овој реванш дуел тренерот Ѓорѓиески го почна со следните 11 избраници: Андов, Ѓурковски, Димоски, Митревски, Манасиевски, Бојковски, Ристовски, Речица, Илиевски, Ибиши и Туша.
По првиот дел иако двата тима имаа прилики мрежите на Андов Матеј и домашниот голман мируваа. Во овој дел играа двата тима претпазливо поради резултатот од првиот дуел во Скопје. Ние го чувавме водството, а домаќинот несакаше да се отвори и да прими ран гол со што би ги сведел своите шанси на минимум.
Вториот дел беше игра на се или ништо, влогот беше голем финален натпревар и борба за Куп пехарот. Нашиот тим одигра одличен втор дел. Момците на Петар Ѓорѓиески започнаа одлично и веќе по 6.минути играа поведоа со 0-1. Ветон Туша беше стрелец на погодокот на црвено-црните. На Пелистер сега му требаше победа со 3-1 за пласман. Тие се отворија, а ние преку феноменалниот денес Туша во 60.минута го удвоивме водството по што беше веќе јасно кој е финалист. До крајот истиот играч повторно ја тресеше мрежата на зелено-белите пионери. Тој во 75.минута со неговиот трет гол ги постави конечните 3-0.
Честитки до тренерот Петар Ѓорѓиески и вардаровите пионери за пласманот во големото Куп финале во оваа категорија.