На денешен ден (22.јули) далечната 1947 се роди нешто што е предодредено да трае вечно, денес се роди ФК Вардар пред 73.години. Вардар е љубов на генерации и генерации скопјани, македонци кои се поистоветуваа со светите црвено – црни бои. Овој роденден го дочекуваме во неизвесност, како и многу пати во оваа долга историја покрај блескавите моменти, црвено-црниот тим повторно е на работ на „безната“. Се надеваме дека конечно ќе се реши проблемот и повторно ќе се бориме за врвот, онака како што и заслужува брендот број еден во мак.фудбалот.
ФК Вардар е најтрофејниот македонски фудбалски клуб, почетоците на клубот во рамките на Спортското друштво “Вардар” се од 22 јули 1947 година. Претходно, фудбалски клуб со име Вардар во Скопје имало уште од 1911 година, но познат како Вардар Топаана. Сепак, денешниот фудбалски клуб Вардар е формиран во 1947 година кога тогашните скопски спортски друштва “Македонија” и “Победа” одлучиле да се соединат во едно друштво кое ќе донесе дополнителен развој, масовност и квалитет на спортот во главниот град. Па, така во преполната сала на киното “Вардар”, на 22 јули 1947 година со фузијата на овие две друштва започнало да работи и живее фискултурното друштво “Вардар”.
За прв претседател на спортското друштво “Вардар” е избран Димче Беловски, а потпретседатели Ѓорѓи Икономов и Александар Мартиновски. За секретар е избран Влајко Јосифовски, а за стручен секретар Панта Поленак. Со самото формирање на спортското друштво како една од секциите во него е и фудбалската во која беа впишани 93 члена.