Матеј Андов е млад и талентиран голман, кој претходниве две години бранеше за помладите пионери на фудбалскиот клуб Вардар, додека во новата сезона ќе настапува за пионерите на овој клуб. Ова ќе биде четврта сезона за него во црвено-црниот дрес, откако претходно дојде од екипата на Работнички. Матеј исто така е прв голман на младинската репрезентација на Македонија до 16 години, каде исто така со успех го носи националниот дрес. Во следново наше интервју можете да дознаете се за Матеј Андов, за почетокот на неговата играчка кариера, која до денес тече успешно, за неговите настапи и освоени достигнувања со помладите пионери на Вардар, како и за новите очекувања и цели кои ги има зацртано.
1. Како се случи да се занимавате со фудбал и дали овој спорт беше ваша прва желба ?
-Мојот прв спорт беше тенисот и тренирав една година, но за жал доживеав една незгода и морав да имам пауза извесен период, што после таа пауза одлучив да почнам со фудбалот. Така ја добив и најголемата поддршка од мојот татко.
2. На колку години започнавте да тренирате, кој беше вашиот прв клуб и тренер кој ве воведе во фудбалските почетоци ?
-Започнав на 8 години во фудбалската школа Форца со тренерот Јовче Џипунов, а подоцна и со тренерот на голманите Мачки. Таму бев скоро четири години каде ја добив најголемата основа во фудбалот. По препорака на тренерот Јовче продолжив во фудбалскиот клуб Работнички, каде не останав многу долго и од страна на тренерот Павел Неделковски бев повикан во фудбалскиот клуб Вардар каде што сум сеуште.
3. Како ги оценуваш претходните две сезони со помладите пионери на ФК Вардар. Пред две години беше многу поуспешна, кога за само еден бод го изгубите трофејот, додека минатата сезона одигравте под вашето ниво ?
-Првата сезона беше многу успешна предводена од мојот тогашен тренер Саше Јанев. Во првата полусезона имав примено само еден гол од вкупно 11 натпревари, а во втората полусезона имавме неколку падови во играта, кога ремизиравме со Работнички и Победа од Прилеп и бевме поразени на еден натпревар од Шкендија. За жал тогаш за само еден бод не го освоивме трофејот. Следната сезона како помлади пионери бевме поразени од повеке тимови. Во еден период се наоѓавме на осмото место, но со подобра игра до крајот на сезоната успеавме да се издигнеме на третото место на табелата.
4. Кои услови треба да бидат исполнети за еден голман да биде успешен ?
-За еден добар и успешен голман потребна е пред се интелегенција, храброст, самодоверба. Исто така и поддршка од родителите и најблиските, како и добра работа, напорни тренинзи, начин на исхрана и врвни тренери кои водат до патот на успехот.
5. Имате можност да работите со Љупчо Кметовски. Може ли да ни кажете каков тренер е тој и колку е заслужен за она што сте денес ?
-Тренерот Љупчо Кметовски е одличен не само како тренер, туку и како човек и можам да кажам дека е како мој втор татко. Тој има голема заслуга за тоа што сум јас денес, бидејки тој на тренинзите дава се од себе и посветува премногу внимание да бидеме успешни. Напорните тренинзи на тренерот Кмет водат кон патот на успехот како што кажав и претходно, а од него исто така има и што да се учи.
6. Вие сте и репрезентативен голман на младинската селекција до 16 години. Какво е чуството да се бранат боите на земјата во која сте родени и живеете ?
-Jас сум прв голман на репрезентацијата до 16 години и можам слободно да кажам дека тој дрес кога го носам има голема тежина и неможе секој да стигне да брани за националната селекција. Горд сум на тоа, иако е многу тешко да го задржиш местото во репрезентација, бидејќи сите сакаат да го носат националниот дрес,н о максимално се трудам и давам се од себе да останам на иста позиција. Тука ке напоменам дека голем број од тренерите од репрезентацијата на Македонија се исто многу заслужни за мојот успех.
7. Кога го имавте своето деби за репрезентацијата на Македонија и против која селекција ?
-Деби мечот беше пред една година и седум месеци со една од повозрасните репрезентации, кога игравме двомеч против Турција. Во првата утакмица донесовме победа со 2:1 ,беше многу тешко и напоно,но со срце и желба покажавме дека можеме и против нив, но во втората утакмица тие не надиграа и успеаа да не победат со 3:0.
8. Новата сезона ја започнавте со трофеј на силниот меѓународен турнир “Скопје куп„. Твои впечатоци од целокупниот турнир и освоеното прво место ?
-“Скопје купот„ пред се беше едно големо искуство за мене и моите соиграчи. Успеавме да стигнеме до првото место, иако противниците беа една година повозрасни од нас. Групата ја поминавме како второпласирани кога бевме поразени од Сесвете, но подоцна се сретнавме и во финалето и остваривме победа од 3:0. Морам да ги пофалам сите мои соиграчи за машката и храбра игра, а особено Марио Илиевски кој беше прогласен за најдобар играч на турнирот и да не го заборавам нашиот тренер Сашо Тодоровски кој вложи многу труд за да го освоиме овој трофеј, кој беше втор последователен за него како тренер.
9. Кои цели ги имаат зацртано пионерите на Вардар пред почетокот на новата сезона. Дали имате квалитет да станете шампиони на Македонија ?
-Нашите цели се јасни. Во новата сезона ние пионерите предводени од одличниот тренер Рап Тап одиме да го освоиме купот и лигата, односно двојната титула.
10. Каде се гледате во иднина и дали имате некоја зацртана цел која сакате да ја исполните ?
-Во иднина се гледам во првата екипа на ФК Вардар, а потоа зашто да не и надвор од Македонија. Мојата желба е да бранам во некој од поголемите клубови и да бидам светски познат.
Звонко Ивановски