Шефот на стручниот штаб на Вардар Бобан Бабунски, е задоволен од престојот во Словенија и како одигра неговиот тим на пријателските, вкупно седум дуели. Тренерот на Вардар за клубскиот сајт изјави:
„Јас сум задоволен од она што го покажа екипата на подготовките во Словенија. од работата на играчите од сите аспекти. Нашата идеја беше во овој период сите играчи да видат дека нивните можности се многу поголеми, и тоа беше задача на целиот стручен штаб. Сите играчи кои беа на подготовките се однесуваа одлично. Имаше единствено некои проблеми со одредени фудбалери на кои не можевме да сметаме поради замор или поради ситни повреди, но тоа не е ништо посериозно. Ќе продолжиме да тренираме во ист стил и во Скопје во следните неколку дена пред почетокот на натпреварите во Европа и во македонското првенство. Целта беше да покажеме на секој играч дека има поголеми можности во моментов и тоа го докажаа на пријателските натпревари кои ги одигравме, и се докажа дека се доближуваат до европските стандарди. Сега преостанува оној технички-тактичко дел пред натпреварите во Лигата на Европа, и сметам дека ќе бидеме добро подготвени“, вели Бабунски.
Минаа веќе две недели од ждрепката за Лигата на Европа во која Вардар го доби Пјуник како противник во првото квалификациско коло. Дали сега стручниот штаб има повеќе информации за следниот ривал во Европа?
„Сè уште гледаме и собираме информации, веќе гледавме неколку натпревари. Знаеме начелно за противникот, но и натаму сме во фаза на испитување, и мислам дека до почетокот на натпреварот ќе ги имаме сите информации кои ќе бидат корисни и кои ќе им ги соопштиме на играчите“, рече шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.
Вардар одигра седум контролни натпревари од кои оствари скор од две победи, три нерешени средби и два порази. Како Бабунски е задоволен од прикажаното на контролните мечеви?
„Можам да кажам дека сум задоволен од сите седум натпревари. На истите имавме доста млади играчи кои се наметнуваат како конкуренција за поискусните. Иако до вчера настапуваа за младинците и за кадетите на Вардар, сепак, се однесуваа одлично и професионално исто како и поискусните играчи. Сите ја сфатија нашата идеја како да се игра, и се надевам дека таа идеја ќе ја применат на натпреварите кои следуваат во Европа и во македонското првенство“, вели Бабунски.