Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > ФК Вардар: МАКЕДОНИЈО, ТИ БЛАГОДАРИМЕ
ФК Вардар: МАКЕДОНИЈО, ТИ БЛАГОДАРИМЕ

ФК Вардар: МАКЕДОНИЈО, ТИ БЛАГОДАРИМЕ

Црвено-црниот фудбалски колектив преку соопштение со наслов “Македонијо, ти благодариме“ се обрати до пошироката фудбалска и спортска јавност по вчерашниот меч. Дуелот со Динамо беше празник на фудбалот во земјава полни трибини, фер и корекно навивање, убава атмосфера. Во продолжение ви го носиме соопштението во целост:

Почитувани љубители и поддржувачи на Вардар, и сите Вие кои дојдовте вчера во голем број на Арената „Филип Втори“ да го бодриот нашиот тим на средбата против Динамо, сакаме од срце да Ви се заблагодариме за поддршката пред, во текот и после натпреварот против Динамо кој за жал несреќно го загубивме со 1:2. Вие бевте нашиот 12. играч, не бодревте да ја оствариме целта, и во миговите кога имавме негатива од 0:2, не се предававте и живеевте во надеж.

Нема поубаво нешто кога се игра пред исполнети трибини, кога се игра пред верните навивачи „Комити“ кои со песна непрестано ги мотивираа играчите, онака како што ветија ден пред натпреварот. Нашите фудбалери, стручниот штаб дадовме се од себе да дојдеме барем до нерешено, меѓутоа бевте сведоци на многуте шанси во кои немавме среќа барем да го избегнеме поразот кој не го заслуживме.

Вчера на трибините на Арената немаше публика само од Скопје, туку од цела Македонија. Уште еднаш се покажа дека нашата земја сака да гледа квалитетен фудбал. Токму таков имаше синоќа на Арената „Филип Втори“. Веруваме дека уживавте во натпреварот и покрај топлото време, но среќата не дозволи сите заедно да се радуваме уште еднаш, да направиме добар резултат пред реваншот во Загреб.

Ние не се предаваме! Одиме на вториот натпревар, ќе се обидеме да направиме чудо, да направиме сензација и да се пласираме понатаму. Ќе се обидеме да Ви приредиме уште фудбалски уживања на нашата Арена, уште барем еден натпревар од Лигата на шампионите. Знаеме дека ќе биде тешко, но предавање нема! Тоа е единственото што можеме да го ветиме.

Фудбалот е игра во која не секогаш победува подобриот. Вчера не заслуживме да загубиме, но благодарение на нашата верна публика, благодарение на сите искрени љубители на фудбалот ќе успееме некако да поминеме низ овој пораз и да собереме сили за реваншот. Токму Вие ни давате поттик да одиме понатаму, знаејќи дека со нетрпение повторно би сакале да го гледате нашиот тим на меѓународната сцена. Чест е и задоволство за еден тим е да има ваква публика.

Ќе се обидеме да Ви овозможиме повторно да Ве видиме на трибините на „Арената“, следниот пат со надеж за повеќе среќа и поголема радост. Затоа што Скопје и Македонија навиваат за Вардар.

Еден живот, една љубов!