Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Блажевски за Вардар Фанс: Вардар има најквалитетна екипа и на останатите два меча во есенскиот дел ќе атакува на трите бода
Блажевски за Вардар Фанс: Вардар има најквалитетна екипа и на останатите два меча во есенскиот дел ќе атакува на трите бода

Блажевски за Вардар Фанс: Вардар има најквалитетна екипа и на останатите два меча во есенскиот дел ќе атакува на трите бода

Црвено-црните стигнаа до единаесеттата победа во ПМФЛ, откако на арената “Филип Втори“ минимално со 1:0 ја победија екипата на Ренова. Единствениот погодок го постигна Дејан Блажевски, со кој му донесе три големи бодови на својот тим во борбата за титулата. Моментот на одлука се случи во 77 минута кога Блажевски доби употреблива топка од Брдаровски, претрча и стрелаше силно и прецизно над главата на противнилкиот голман за голема радост на Вардарци. Популарниот “Шиле“ за нашиот сајт ги споделува впечатоците од победата.

-Знаевме дека натпреварот со Ренова ќе биде тежок, бидејќи тие се една од екипите кои играат најцврст фудбал во нашата лига и имаат добар состав. Ние имавме тежок пораз пред одигрување на овој меч, каде загубивме во дуелот со екипата на Работнички и бевме свесни дека мора да ја добиеме Ренова и тоа го остваривме. Игравме добро пред се во второто полувреме, кога имавме целосна иницијатива и со сие сили се обидувавме да постигнеме гол и да го отвориме резултатот. Успеавме иако беше тешко да го пробиеме “бункерот“ на Ренова и да поведеме со 1:0.

Врз крилниот напаѓач на Вардар во месец април беше извршен хируршки зафат на леото колено, по што мораше пола година да отсуствува од терените. Се врати на гостувањето во Кратово, акде Вардар славеше, а првиот гол после паузата го постигна пред две кола кога убедливо ја победивме Македонија Ѓ.П.

-Имав одреден период каде бев отсутен од терените поради повреда, но сега се чуствувам добро и полека влегувам во потребната форма. Се надевам дека до крајот на сезоната со моите погодоци ќе и помогнам на екипата во остварување на конечната цел.

Утре со почеток до 13 часот нашиот шампион гостува во Битола, во дербито против екипата на Пелистер. До крајот на есенскиот дел останува уште мечот во недела против Силекс.

-Како и на секој претходен натпревар, така и на утрешното дерби во Битола одиме на победа. Вардар има најквалитетна екипа и на останатите два меча во есенскиот дел ќе атакува на трите бода. Одиме  од натпревар на натпревар, прво да го одработиме дуелот со Пелистер па ќе се подготвуваме и за Силекс.

Вардар го обезбеди приматот есенски шампион, каде на две кола пред крајот има шест бода повеќе од екипата на Шкендија.

-Можеби на некои претходни натпревари можевме да одиграме подобро, но сепак сме задоволни од моменталниот изглед на табелата, каде сме на првото место и мислам дека така ќе остане и до самиот крај на оваа натпреварувачка сезона, Имаме најдобар квалитет и услови за работа и тоа ќе го оправдаме со освојување на двојната круна, изјави Дејан Блажевски за нашиот сајт.

Звонко Ивановски