Четири победи за вардаровите екипи во рамките на 21 коло, во дуелите со екипата на Победа од Прилеп. Пионерските екипи со овие триумфи се чекор поблиску до освојување на титулата.
Помладите пионери на Вардар го добија можеби еден од најважните натпревари оваа сезона, откако славеа на гостувањето кај екипата на Победа, која беше наш најголем конкурент за трофејот. Георг Стојановски повторно се покажува како јунак на својот тим, токму со неговиот гол во последната минута од мечот, црвено-црните запишаа нови три бодови, кои значат дури девет бода предност пред екипата на Победа, во продолжение од сезоната која полека се ближи кон својот крај. Ова беше и 10.победа во серија за помладите пионери во лигата, кои имаат и две победи во купот, што говори за формата во која се наоѓаат избраниците на Деспотовски во најважниот дел од сезоната. Иако има уште до крајот на сезоната, многу е тешко да се верува дека Вардар не би стигнал до освојување на шампионската титула. После одигрување на 21.коло, нашите млади надежи имаат 9 бодови повеќе од Победа и дури 13 повеќе од екипите на Шкендија и Работнички.
До голем триумф стигнаа и пионерите на Вардар кои влегоа во серија од три последователни победи, со кои го задржуваат врвот на табелата. Избраниците на Кралевски уште по првиот дел од мечот се стекнаа со водство кое им овозможи помирно да играат во вториот дел. Сигурно дека ова се големи бодови, со оглед дека се освоени на гостински терен, додека во прилог им одеа и резултатите од останатите конкуренти кои ги имаат за трофејот. Така, Академија Пандев не успеа да победи на гостувањето кај Њу Старс, Шкендија загуби, додека и Шкупи беше поразен во дуелот со Работнички. Како што стојат работите на табелата, тимот на Работнички треба да биде единствениот конкурент на вардарци за освојување на првото место. Вардар е прв на табелата со 47 бодови, пред екипите на Работнички (41), потоа А.Пандев (39) и Шкупи (38).
Кадетите на Вардар ја прекинаа серијата од четири меча без триумф и славеа на домашниот дуел против Победа. По еден гол во двете полувремиња беа доволни за освојување на трите бодови за избраниците на Горан Петрески, вкупно 25 оваа сезона за оваа генерација на Вардар. До крајот останува единствено борбата за 5.позиција на табелата, Вардар има само два бода помалку од А.Пандев, тоа е шанса да завршиме место погоре на табелата.
Ништо ново во младинската супер лига, Вардар и Шкендија продолжуваат со победите, а останува и разликата од осум бодови во корист на тетовчани. Избраниците на Тодоровски беа сигурни во дуелот со Победа (8:2) и на тој начин ја забележаа 18. победа оваа сезона.
Во следното коло, пионерските екипи се домаќини на Ренова, додека кадетите и младинците гостуваат во Тетово.