Нови покани за играчите на фудбалскиот клуб Вардар за репрезентативни настапи во октомврискиот квалификациски УЕФА термин. На објавениот список на Благоја Милевски денеска се најдоа четири репрезентативци кои ќе конкурираат за место во младата македонска селекција У-21 за квалификацискиот меч од историско значење за македонскиот фудбал против Шкотска на 11 октомври.
На списокот на поранешниот вардаров тренер а сегашен селектор на У-21 се повикани следниве играчи на црвено-црните: голманот Игор Алексовски, потоа дефанзивецот Дарко Велковски, за конкуренција за место во средниот ред е повикан Бобан Николов и во напaдот ќе конкурира Петар Петковски. Претходно од Вардар репрезентативни покани добија Дамир Којашевиќ и Немања Мијушковиќ за сениорската репрезентација на Црна Гора и Стефан Спировски за македонскиот национален сениорски тим. Овие тројаца играчи ќе играат на мечеви од квалификациите за Светското Првенство во Русија 2018 година.