Попладнево во Анталија тимот на Вардар го одигра првиот контролен натпревар и тоа против екипата на СКА Ростов од Русија. Дуелот помеѓу овие две екипи на крајот заврши со победа на Вардар од 2:0.
Вардар по првиот дел можеше да жали што не постигна барем еден погодок, а имаше три супер шанси за тоа. Најпрвин Петковски излезе сам пред голманот на противникот и не успеа да реализира по одлична асистенција на Наумоски. Потоа Мицевски не успеа да додаде до еден соиграч и веројатно да постигне Вардар гол, а на крајот Блажевски имаше супер шанса, но од гол линијата еден противнички играч успеа да интервенира и да пропадне и оваа шанса за гол. Противникот исто така имаше една огромна шанса за гол, но не ја искористи.
Во вториот дел, oдносно во 47.минута по асистенција на Керим, Блажевски Дејан со одличен удар од 20-сетина метри го совлада голманот на противникот за предност на Вардар од 1:0. Некаде околу 60.минута Глигоров го промени речиси целиот тим, па во игра влегоа и неколку млади и нови играчи. Добрата игра на Вардар продолжи и по направените замени, па така шанси за гол имаа Стојковски и Керим. До крајот на дуелот Вардар постигна уште еден погодок преку Ерен Парталко, за конечни 2:0 од овој дуел и прва победа во Анталија.