Во периодот од 1-4-ти јуни, генерацијата на ФК Вардар родени “2006“ година беше дел од силен меѓународен турнир “Приморско лето“ кој се играше во Бугарија. На истиот нашите млади надежи го освоија чевртото место, а на целокупниот турнир беа забележани три победи, два нерешени резултати и два порази. За целокупните впечатоци од турнирот во Бугарија можете да прочитате од изјавата на на најдобриот голман на овој турнир, Андреј Данстак кој за нашиот сајт ги пренесе најинтересните моменти од турнирот.
-Целокупниот турнир во Приморско Бугарија беше организиран на највисоко ниво: дочекот односно отворањето на турнирот, сместувањето, натпреварите па се до затворањето на турнирот со доделувањето на наградите, се беше одлично организирано. Турнирот имаше одлични, јаки и квалитетни екипи и навистина ни беше чест и предизвик да играме со најдобрите екипи од Бугарија, Србија, Турција: Берое, Левски, Дит Софија, Ропотамо Приморско, Аполон Србија, Черно Море. Мислам дека ние како Вардар од Македонија се претставивме во одлично светло и треба да сме горди. Совладавме многу подобри, јаки и познати екипи од Бугарија. Тренерите ни ја дадоа целата потребна поддршка. Се надевам дека на следен турнир ќе покажеме многу.
Ова е само искуство плус за оваа надежна генерација, каде има одлични играчи и секако голмани.
-Нашиот тим се бореше до самиот крај на секој натпревар, тоа го потврдија и организаторите со нивната статистиката која покажа дека сме имале многу повеќе шутеви кон гол, повеќе одбрани и подобра игра но ете резултатот и победата во финалните натпревари отиде во рацете на други екипи. Јас лично многу сакам да одам на турнири не само поради натпреварите, туку и поради другарувањето, дружењето помеѓу нас децата од екипата. Другарството и сплотеноста се најважни за да бидеме добар тим и да покажеме сплотена игра и на теренот.
Андреј важи за најперспективните млади голмани во генерација “2006“ , за кој времето допрва доаѓа. Неговата екипа иако освои второ место во детската лига, одигра одлична сезона, забележувајќи голем број на победи.
-Јас како и сите соиграчи секогаш се обидувам да дадам се од себе, да изиграм најдобро што можам, да го дадам максимумот, но некогаш и тоа е не доволно, треба да се има и среќа.И сега на турнирот се борев колку можам, не само јас, целиот тим, сакавме да покажеме дека можеме да се носиме со јаки и квалитетни екипи. На ФФМ детската лига несреќно го освоивме второто место па сега ни беше поттик повеќе, да дадеме се од себе и да освоиме награда. Но мора да се признае дека сепак екипите беа силни со поголемо искуство на турнири а имаше и екипи кои имаа играчи кои беа дупло повисоки и покрупни од нас.
По завршување на завршните натпревари се доделуваа и поединечни награди. Признанието за најдобар голман го освои чуварот на мрежата на Вардар, Андреј Данстак.
-Поединечната награда ми значи и убаво ми е кога ги добивам, но секако не ми е пресудна, досега се случило да бидеме први како екипа да примам најмалку голови на турнир а наградата да му припадне на некој друг и обратно да бидеме како екипа 3 или 4 место а наградата да ми припадне мене. Кога го слушнав своето име искрено се изненадив и не очекував но сепак се израдував, а таа награда иако е поединечна сепак е голема заслуга и на целата екипа. Мене најважно ми е навистина да бидам добар во тоа што го правам и да биде препознаено од тренерите, од екипите со кои учествуваме и од публиката. Одговорноста на голманот е голема – се брои секоја грешка, а и се примаат и многу удари на овој турнир дури добив и копачка во лице, но тоа не ме плаши, и не се размислува во тие моменти дали ќе добиеш удар, најважно на кое мислиш е само да не примиш гол, се друго се заборава и се издржува.
Голема заслуга за добрите резултати и напредокот на оваа генерација секако се препишува и на тренерот Филип Арсовски, кој оваа сезона успеа да ги донесе до финалето на детската лига, а за напредокот на Андреј Данстак, секако највеќе се препишува на Слободан Мутибариќ.
Навистина работиме напорно со нашите тренери Слободан Мутибариќ – тренер на голманите и Филип Арсовски – тренер на екипа. Имаме секојдневни тренинзи и сето тоа што сме ние е нивна заслуга. Оваа награда за мене е само поголем мотив и одговорност да продолжам понапорно, повеќе и подобро. Зошто само со работа се постигнуваат резултати а наградите порано или покасно ќе си доаѓаат сами.
Голманската позиција е нешто што највеќе го исполнува Андреј и го прави среќен со секое застанување на голот и со секоја победа на неговиот тим.
Јас сакам да бидам голман со сето мое срце, тоа ме исполнува и ме прави среќен. Чувството кога ќе одбранам чист гол и кога со мојата екипа победуваме, е нешто незаменливо. Работиме и тренираме секој ден а тоа може да се издржи само ако се сака, навистина пропуштаме многу работи, но она што го добиваме по победа е чувство кое неможе да се надомести со ниедна друга работа.
Звонко Ивановски