Вчера на куп натпреварот во рамките на шеснаестинафиналето од најмасовното фудбалско натпреварување во земјава, шефот на стручниот штаб на црвено-црните Гоце Седлоски реши да промовира еден младинец помеѓу сениорите. Станува збор за момче кое е продукт на вардаровата фудбалска школа, Ердон Даци.
Даци беше на клупата за резерви на првите три меча во првата лига, а вчера доби шанса на куп натпревар да впише деби. За жал, во текот на мечот Даци заработи ситна повреда и не го одигра цел, но тоа е во втор план во однос на неговото деби. Даци е член на младинскиот тим на ФК Вардар предводен од Љупчо Марковски-Калц, тој е играч од офанзивата и лани заедно со Кристијан Апостоловски имаа по 13 гола ( 11 првенство, 2-куп), скор со кој го поделија првото место за најдобар стрелец во младинската екипа на црвено-црните. Даци во кариерата имаше повици и за репрезенацијата во неговата возрасна група. Дел е од Вардар од неговата 12-та година, тој како фудбалер раснеше и се профилираше низ вардаровите екипи. Ова е одлична вест бидејќи после Петковски и Асани повторно во првиот тим промовираме играч од младинскиот погон. Своја шанса покрај Даци, доби и Есмин Личина, капитенот на младинците. Тој во игра влезе во второто полувреме. Одличен играч кој може да игра како централен дефанзивец и прв играч после одбраната.
Фото:Кочо Сотировски