Утре со почеток од 17 часот на стадионот “Борис Трајковски“ во Маџари екипата на ФК Вардар ќе одигра пријателски натпревар против Раднички од Ниш. Нашиот фудбалски шампион ќе ја искористи паузата поради репрезентативни обврски и ќе “спарингува“ со прволигашот на Србија. За овој контролен дуел во составот ќе се најдат и двајца играчи од младинскиот состав. Се работи за Теодор Димитровски и капитенот на младинците Есмин Личина. Ова е прв повик за Теодор, кој игра на средината од теренот и е стандарден во составот на Љупчо Марковски. Личина веќе запиша настап оваа сезона за првиот тим и тоа во рамките на купот на Македонија, против екипата на Скендербеу.
Инаку на денешниот натпревар на Вардаровите младинци против екипата на Милано, присуствуваше и шефот на стручниот штаб на ФК Вардар, Гоце Седлоски кој го проследи целиот меч. Постои можност до крајот на денот да биде повикан уште некој од младинскиот погон, во зависност од бројката на играчи со кои ќе располага во пресрет на утрешниот натпревар.