Младинците на ФК Вардар се вратија на победите во лигата, откако во саботата на домашен терен ја победија екипата на Победа од Прилеп. Сите дилеми околу конечниот победник беа решени во првото полувреме, кога црвено-црните имаа убедливо водство од 3:0, што на крајот се покажа и како конечен резултат. Два од погодоците беа дело на Виктор Димков, додека еден постигна и Бојан Колевски.
-Добро започна натпреварот за нашата екипа, каде бргу го отворивме резултатот. Тоа беше и наша цел да постигнеме рано гол, за противникот да се отвори и да имаме повеќе простор за создавање шанси. Набргу стигна и вториот погодок, а работата ја завршивме уште во првото полувреме кога имавме предност од 3:0. Против секоја екипа влагаме максимално подготвени и без потценување, без оглед на кој дел од табелата се наоѓа. Јасно ни е дека не смееме да правиме веќе киксови, со оглед дека имаме еднаков број на освоени бодови со најголемиот конкурент, па секој изгубен бод може скапо да не чини во борбата за титулата.
До крајот на сезоната има уште седум кола за одигрување, а се поинтересна станува борбата за титулата во младинската лига. Екипите на Вардар и Шкендија во моментов имаат еднаков број на освоени бодови, а во продолжение од сезоната следува гостување во Тетово.
-Има уште многу натпревари до крајот на сезоната и навистина е рано да се зборува за евентуалниот шампион во младинската лига. Свесни сме дека не очекува гостување во Тетово, натпревар кој може, но и немора да го одлучи новиот шампион на Македонија, изјави Виктор Димков за нашиот сајт.
Звонко Ивановски