Вардаровата генерација родени “2005“ година стигнаа до две победи, во денешното коло од детската фудбалска лига. На терените на ФФМ, двете екипи триуфираа во дуелите со екипите на Форца (2) и Њу Старс (2).
Квалитетен натпревар гледавме помеѓу екипите на Вардар (1) и Форца (2), за која настапија и неколку играчи кои се родени “2006“ година, а меѓу нив и поранешниот играч на црвено-црните, Давид Голубов. Ибраниците на Ане Андовски имаа иницијатива на теренот, која можеше рано да ја претвориме во гол, откако Величковски со глава бие за малку над голот на Форца. Веднаш се обиде после него и Кулуковски, кој шутира покрај голот. Набргу стигна и водството на Вардар, кој го отвори резултатот (1:0) со прецизниот удар на Филип Јовановски, кој заврши во долниот лев голмански агол. Прв директен удар имаше и противникот, но нашиот голман, Илија Апостоловски успешно одбрани По една наше невнимание во одбраната, Форца успева да постигне гол и да го израмни резултатот на 1:1 со погодокот на Мухамед на кој му дозволивме да се ослободи од двајца наши играчи и да постигне гол. Сепак до крајот на првиот дел, Вардар ја врати предноста, најпрво преку Филип Јовановски, кој со својот втор гол зголеми на 2:1, за резултатот од 3:1 на полувреме да имаме со погодокот на Матеј Гаштаров, со претходно одлично изработена акција од страна на вардаровите играчи. Избраниците на Џипунов имаа можност да го намалат резултатот, но нивниот најдобар поединец, Мухамед не успева да го совлада нашиот голман, од ударот од белата точка.
Доминација на Вардар во второто полувреме, кој успева да постигне уште четири голови. Голеадата во вториот дел ја отвори Величковски Никола, кој со својот прв гол денес успева да зголеми на 4:1, откако од десната страна нафрли Лефковски. Продолживме да создаваме шанси кон голот на Форца, а Филип Јовановски со нов силен удар успеа да постигне хет-трик и да му донесе водство на својот тим од 5:1. Во следните минути, два обиди за Форца, од кои еден беше на Голубов, но голманот на Вардар, Апостоловски не дозволи да се тресе нашата мрежа. Величковски ја покажува својата умешност со глава и повторно постигнува гол и тоа од корнер, за зголемување на предноста на 6:1. Истиов играч имаше нова прилика, но противничкиот голман успешно одбрани. Четвртиот гол на мечот зад името на Филип Јовановски и тоа со удар од белата точка, откако противникот направи три корни. Се обиде и Тино Спасиќ, но ударот го брани голманот на Форца. Втор гол на дуелот и за избраниците на Џипунов, кои намалуваат на 7:2, што беше и конечен резултат на крајот од овој дуел. Реализатор е Давид Голубов, со удар од белата точка.
Убедлива победа и за екипата на Вардар (2) која беше поуспешна од Њу Старс (2). Имавме најголем дел од играта и на овој натпревар, на кој славевме со резултат од 9:1. Првиот удар го имаше Лука Јакимовски, а најсериозната прилика за отварање на резултатот ја имавме преку Стефан Ристоски, кој ја погоди стативата. Вардар успева да поведе со 1:0, откако противничката мрежа успеа да ја затресе Александар Каланоски. Набргу го зголемивме резултатот и на 2:0 со голот кој го постигна Горјан Цветков. Следуваше нова прилика за Каланоски, но овој пат одбрани голманот на Њу Старс. Поради една нашата грешка во одбраната, противникот постигнува почесен гол, кој на крајот се покажа и како единствен за намалување на 2:1. Вардар имаше можност да го зголеми резултатот, но Горјан Цветков ја погодува стативата и тоа со удар од белата точка. Се редеа шансите пред голот на противникот, а следен кој се обиде беше Радевски, но голманот на Њу Старс успешно одбрани. Прв гол на мечот постигнува и Петар Пројкоски, кој погодува за 3:1, на асистенција на Јакимовски. Уште една убава прилика имаше Пројковски, но топката заврши покрај голот. Сепак иницијативата ја претвараме со уште еден гол во овој дел од мечот, дело на Каланоски, кој погодува од пенал, откако противникот направи три корни. Резултатот е 4:1 на полувреме.
Иста слика гледавме на теренот и во второто полувреме, во кое Вардар напаѓаше постојано. Првите десет минути од вториот дел му припаѓаат на Петар Пројкоски, кој најпрво биеше, за голманот на Њу Старс да одбрани, за во следните негови обиди да постигне два последователни голови и да ззголеми на 6:1. Денес осличниот Александар Каланоски го запишува својот хет-трик, со нов гол му носи водство на Вардар од веќе 7:1. Иако имавме висока предност, сакавме да создадеме уште шанси, од кои две завршија во противничката мрежа. Најпрво на 8:1 со удар од голема далечина погодува Лука Јакимовски, за конечниот резултат од 9:1 да го постави Филип Радевски. Имавме можност и за десетти гол, но статива погоди Пројкоски.
Две нови победи за оваа генерација на Вардар, под водство на Ане Андовски, која игра одлично и на стартот од пролетниот дел на сезоната.