Вечерва ќе го дознаеме освојувачот во седмата сезона на СЕХА-лигата. Дали Вардар или ППД Загреб, прашање на кое одговор ќе добиеме откако ќе заврши натпреварот, кој својот почеток го има во 20:15 часот во С.Ц. Јане Сандански.
Двете екипи беа сигурни во своите полуфинални мечеви, откако Вардар и полесно од очекувањата го “прегази“ Брест Мешков, додека Загреб имаше водство и контрола на резултатот во текот на целиот меч и на крај заслужено го совлада Целје. Шампионот на Хрватска го финишираше регуларниот дел од сезоната на второто место, остварувајќи 12 победи, 2 нерешени резултати и 4 порази. Вардар ги доби двата меча со загрепчани оваа сезона во СЕХА-лигата, на домашен терен триумфиравме со високи седум голови разлика (30:23), додека на гостински терен славевме минимално (24:25). Ако се додадат и двете победи против истиов противник во рамките на најсилната група А од лигата на шампионите, црвено-црните имаа скор од 4:0 во дуелите со ППД Загреб во оваа натпреварувачка сезона. Сепак се тоа се заборава а најважниот меѓусебен дуел на овие две екипи е токму на вечерашниот дуел, со оглед дека победникот ќе го подигне трофејот во СЕХА-лигата. Вардар има позитивен биланс и на одиграните мечеви со Загреб на завршните турнири, на кои се сретнаа во сите претходни шест сезони. Четири победи се за екипата на Вардар, додека две за Загреб.
сезона 2011/12 полуфинале: ППД Загреб – Вардар 29:30 ( Ф4 во Загреб)
сезона 2012/13 финале: Вардар – ППД Загреб 24:25 ( Ф4 во Скопје)
сезона 2013/14 полуфинале: ППД Загреб – Вардар 22:30 ( Ф4 во Нови Сад)
сезона 2014/15 трето место: Вардар – ППД Загреб 23:26 ( Ф4 во Веспрем)
сезона 2015/16 полуфинале: ППД Загреб – Вардар 24:26 ( ф4 во Вараждин)
сезона 2016/17 полуфинале: ППД Загреб – Вардар 28-36 ( Ф4 во Брест)
Најдобар стрелец на хрватите во СЕХА е капитенот Златко Хорват, кој котира на високото трето место на листата на најефикасни играчи во ова натреварување, додека втор стрелец во редовите на противникот е Дамир Бичаниќ. Гонзалез го има целиот состав на располагање и со сите сили ќе се обиде да стигне до четвртиот трофеј во СЕХА-лигата, додека Загреб ќе се бори за својата втора титула. Првата ја освои токму со триумф против Вардар во втората сезона, кога завршниот турнир се играше во С.Ц. Борис Трајковски. Црвено-црните се фаворити и според квалитетот и поради играњето пред својата публика, но никако не смее да се потцени противникот кој знае да се издигне и да игра во текот на сите 60 минути.
Се надеваме на полна сала и голема поддршка за момците на Гонзалез, кои имаат можност вечерва да го освоја вториот трофеј оваа сезона, ако се земе во предвид и оној во супер купот на стартот на сезоната.