Веќе една недела младинците на фудбалскиот клуб Вардар како започнаа со подготовки за пролетниот дел од сезоната. Како што е познато екипата до крајот на сезоната ќе ја предводи Сашо Тодоровски кој на клупата ќе го замени Ане Андовски.
Од клубот за пролетниот дел од сезоната ги регистрираа и новите засилувања, кои треба да ги потполнат испразнетите места и да бидат замени на позициите каде настапуваа Филип Антовски кој замина во Динамо Загреб и Јакуп Бериша кој се пресели во екипата на Шкендија. Се работи за повратникот во Вардар, левиот бек Марко Стојчески кој доаѓа од екипата на Академија Пандев и за крилниот офанзивен играч, Антонио Божиноски кој пристигна од екипата на Работнички.
Марко Стојчески знае како е да се работи со Рап Тап, со овој стручњак како дел од пионерските екипи на Вардар, дури на три пати го освојувааа националниот куп и еднаш првенството. Стојчески беше дел од Вардар во периодот од 2014-2017 година, кога негов тренер беше Тодоровски.
Инаку се работи за играч кој својата кариера ја започнува во Вардар, а подоцна се сели во екипата на Работнички, се враќа во својот матичен клуб, за да премине од 2017 година во струмичката екипа. По една и пол сезона помината во А.Пандев се враќа да им помогне на младинците во борбата за освојување на двојната круна.
Второто засилување за младинскиот состав е Антонио Божиноски, одличен офанзивен играч кој доаѓа од екипата на Работнички. Претходно настапуваше во екипата на Металург, каде беше еден од главните играчи во младинските категории на клубот од железарница, а потекнува токму од школата на Металург.
Следејќи ги младинските категории на Вардар и нивните натпревари изминативе неколку години се имаме уверено во квалитетите на овие двајца играчи, кои треба да бидат големо засилување за младинците на Вардар, кои имаат осум бодови помалку од Шкендија во Лигата, додека во купот се пласиравме во полуфиналето.