Friday ,13 December 2024
Последни:
Home > Slider > Најава за следното коло во ЛШ, какви се шансите на Вардар и другите екипи за пласман на „подобрите“ позиции во групата А
Најава за следното коло во ЛШ, какви се шансите на Вардар и другите екипи за пласман на „подобрите“ позиции во групата А

Најава за следното коло во ЛШ, какви се шансите на Вардар и другите екипи за пласман на „подобрите“ позиции во групата А

До крајот на групната фаза во двете најсилни групи остануваат да се одиграаат уште три кола, додека во групата А се повеќе се разгорува битката за „подобрите“ позиции на табелата.

Вардарци завршија голема работа во претходното коло, кога на гостински терен победија еден од конкурентите за второто место на табелата во групата. Со поразот од Вардар, екипата на Рајн-Некар се повеќе ги губи шансите и за четвртото место на табелата, па во моментов 5.место е реално, а најверојатно и ќе биде на крајот од групната фаза.

Веспрем успеа да го добие големото дерби против Барселона, која не знаеше за пораз уште од стартот на сезоната кога во првото коло загуби од екипата на Рајн-Некар. Победата на Веспрем значеше продолжување на битката со Вардар за второто место, но од друга страна му даде шанса на нашиот шампион дека може до крајот да се надева и на првата позиција, која носи директен пласман во четвртфиналето. Тоа ќе биде тешко, но додека има теории, зошто да не се надеваме на такво нешто.

Киелце иако цело второ полувреме играше без својот најдобар стрелец, Алекс Душебаев, кој мораше да го напушти теренот поради повреда, како и без Циндриќ кој не беше во составот, сепак успеа со тешки маки да стигне до триумф на гостувањето кај Кристијаншад, на дебито на клупата на новиот тренер на шведскиот тим, се работи за Љубомир Врањеш, на кој последен клуб му беше Веспрем. Така, Киелце со двата бода остана во битката за највисок пласман во групата.

Во следното коло може да добиеме одговори на многу поставени прашања. Дербито на 12.коло се игра во Јане Сандански, Вардар ќе се обиде втор пат сезонава да го победи големиот Веспрем. Ова е можеби најважниот меч за црвено-црните, триумф ќе значи само еден чекор до освојување на втората позиција на табелата и одржување на чекорот со Барса за првото место.

Киелце иако игра дома ќе има тешка задача да го совлада актуелниот шампион на Европа, тимот на Монпелје. Лоши се вестите за полскиот тим, кој велат дека Алекс Душебаев може да го пропушти остатокот од сезоната, иако се уште нема официјални информации од клубот за неговата повреда на претходниот натпревар. Ако на ова се додаде и отсуството на неговиот помал брат, Даниел Душебаев за кој сезоната е завршена, како и на се уште недоволно подготвениот Лука Циндриќ кој мака мачи со повреди оваа сезона, тимот на Талат е во големи проблеми, не само на следниот натпревар, туку и до крајот на оваа натпреварувачка сезона.

Би требало најлесна задача за освојување на двата бода да ја има екипата на Барселона, која игра во својата „Палау Блауграна„ против екипата на Кристијанштад. Не дека шведската екипа ќе дојде со „бело знаме“, но мали се шансите Барса да дозволи да загуби втор меч по ред и така лесно да ја испушти првата позиција во групата.

Дерби дуел во 12. коло од нашата група ќе гледаме и во Белорусија, каде Брест Мешков го игра можеби мечот на сезоната, против екипата на Рајн-Некар. Ако сакаат белорусите да се надеваат дека можат да обезбедат пласман во следната елиминациска рунда, само со победа против бундеслигашот може да веруваат во такво нешто. Од друга страна, Рајн-Некар нема што да загуби, тие се „најмалку“ сигурно на 5.место, па триумфот од овој меч ќе биде поголем императив за домашната екипа.

Двојки и термини за следното 12. коло во групата А:

Вардар – Веспрем ( сабота, 17:30)

Мешков Брест – Рајн Некар ( сабота, 17:30)

Киелце – Монпелје ( сабота, 18:00)

Барселона – Кристијанштад ( недела, 19:30)

До крајот на групната фаза, Вардар го оечкуваат уште домашните мечеви против Веспрем и Монпелје, како и гостување кај екипата на Кристијанштад. Веспрем, покрај тоа што ќе гостува во Скопје, во последното коло ќе треба во Полска да се соочи и со Киелце, додека во претпоследното коло пред својата публика игра со Брест Мешков. Најлесен распоред можеби има Барса, дома ќе ги пречекаат екипите на Кристијанштад и Рајн-Некар, додека гостуваат кај Монпелје. Киелце ќе игра два домашни меча против Монпелје и Веспрем, додека гостува кај Рајн-Некар.