Изминатиов викенд се одигра 14 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Противник за Вардаровите генерации беше екипата на Милано од Куманово. Забележавме две победи, еден нерешен резултат и еден пораз.
Помладите пионери стигнаа до втората домашна победа во пролетниот дел од сезоната, откако на домашен терем минимално ја победија екипата на Милано (1:0). Стрелец на единствениот гол беше Мартин Спировски. Покажавме голема желба за надигрување и победа на овој натпревар и на крајот заслужено ги освоивме трите бодови. Ова беше вкупно седма победа за оваа генерација во лигата, со која сме на средината на табелата со 23 освоени бодови. Остануваме уште во борбата за титулата, со оглед дека имаме шест бодови помалку од екипата на Работнички.
До прва победа во овој дел од сезоната стигнаа и нашите пионери, кои беа убедливи во дуелот со екипата на Милано. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 3:0. Два гола беа дело на Александар Ѓорѓиески, додека еден постигна Кренарт Дарлишта. После два врзани порази во лигата, избраниците на Сашо Тодоровски ги освоија првите бодови во пролетниот дел. Бодовната разлика со екипата на Шкупи останува седум бода во корист на тимот од Чаир, додека има промена на втората позиција, каде сега е наменета за Вардар, коај го искористи нерешениот резулта на Шкендија. Двете екипи имаат освоено по 28 бодови, но поради подобрата гол разлика, Вардарци се наоѓаат на второто место.
Прв пораз во пролетниот дел забележаа кадетите на ФК Вардар, за кои ова беше вкупно втор неуспех во оваа натпреварувачка сезона. Црвено-црните беа поразени на гостувањето во Куманово со резултат 3:1. Стрелец на единствениот гол за Вардар беше Јакуп Бериша. И покрај поразот остануваме на второто место на табелата, но сега со четири бода помалку од екипата на Работнички, која триумфираше во ова коло. Не очекува тешка борба за титулата во продолжение од сезоната, каде немаме право веќе на киксови.
Бодовите ги поделија младинските екипи на Вардар и Милано, кои одиграа без голови 0:0. И покрај неколкуте шанси кои ги имаа црвено-црните, на крајот моравме да се задоволиме со еден освоен бод. Шкендија го искористи овој наш резултат и со победа во ова коло се израмни со бројот на освоени бодови со екипата на Вардар. И тука не очекува голема борба за трофејот во лигата, каде сигурно дека ќе одлучуваат нијанси околу идниот шампион во младинската лига.