Нема многу одмор за Вардаровата генерација родени “2005“ година, кои после завршување на есенскиот дел од сезоната во детската лига продолжуваат со одигрување на контролни натпревари со цел одржување на победничкиот ритам и уште поважно добрата форма во која се наоѓаат нашите млади надежи. Тренерот Кралевски преферира константно одигрување на мечеви со цел како што споменавме да се одржува посакуваниот ритам, како и тренинзи секој ден. За таа цел изминативе три дена одиграа два пријателски натпревари на теренот на академијата.
Првиот меч беше против екипата на Шкупи кој го добивме со резултат 4:3. На овој натпревар четири различни играчи од нашиот состав се запишаа во листата на стрелци. Головите беа дело на Зоран Фидановски, Влатко Кулуковски, Симеон Здравковски и Тино Спасиќ.
Во текот на вчерашниот ден под рефлектори одигравме уште еден контролен меч, овој пат против екипата на Форца. Тука забележавме многу поубедлив триумф. Конечниот резултат гласеше 9:1. Нова добра игра на црвено-црните кои дефинитивно покажуваат дека се наоѓаат во одлична форма. Петар Пројковски постигна два гола, додека по еднаш во противничката мрежа стрелаа Никола Величковски, Филип Јовановски, Филип Радевски, Стефан Наумовски, Симеон Здравковски, Давор Лефковски и Зоран Фидановски.
Во петок на академијата ќе одиграме трет контролен меч, каде за противник ќе ја имаме екипата на Работнички.