Две први и едно второ место за вардаровите генерации на силниот меѓународен турнир “Кул Куп„кој изминативе три дена се играше на стадионот на Цементарница.
Генерацијата родени “2007„ година успеаа да го освојат златниот медал, откако во големото финале успеаа минимално со резултат од 1:0 да ја совладаат екипата на Кул. Играчот на одлука беше Емир Шаботиќ кој постигна гол во второто полувреме и го реши победникот. Првиот обид на овој меч го имаше Златко Радески, но одбрани голманот на Кул.
Стефан Младеновски беше следниот кој се обиде, но топката отиде над голот. Гледавме цврста игра, како што доликува на едно финале и двете екипи немаа многу шанси за постигнување на гол. Како што напоменавме моментот на одлука се случи во вториот дел кога гол постигна Емир Шаботиќ за голема радост на Вардарци и водство од 1:0. Во вториот дел ќе ги одбележиме и ударите на Спасовски Милош кој од прекин бие, но голманот одбрани, како и на Мичо Спасовски. На крајот победа за Вардар од 1:0 со што го освоивме првото место во оваа генерација.
Прво место освои и генерацијата “2008„ на Вардар, кои во големото финале ја победија екипата на Јанг тим од Струга. Убедливо го добивме финалето, како и сите претходни натпревари на овој турнир. Иако противникот прв се закани и имаше голема прилика, но немаше среќа и ја погоди само стативата од голот на Грчевски. Азизи се закани кај Вардар, но резултатот остана непроменет. Црвено-црните први успеваат да го отворат резултатот и да поведат со 1:0 со погодокот на Стефан Марковски.
Сепак до крајот на првиот дел, екипата од Струга го израмни резултатот. Противникот се покажа как рамноправен само во првиот дел, во второто полувреме Вардар покажа кој е кој, па ја наполнија мрежата на противникот. Стефан Бранковски по втор пат на мечот му донесе предност на Вардар од 2:1. Делуваа супериорно избраниците на Миле Крстев во овој дел од дуелот. Повторно Бранковски се закани, но немаше реализицација. Можеше тимот на Јанг да се врати во игра, но пречката од голот на Грчевски беше сојузник на Вардар. До крајот на мечот само ја потврдивме победата, кога најпрво Арти Азизи постигна гол за 3:1, додека конечните 4:1 на овој натпревар беа дело на Ненад Дамјаноски. На целокупниот турнир, Вардар одигра шест натпревари и имаше исто толку победи.
Генерацијата родени “2009„ година немаа среќа во големото финале и беа поразени дури после изведување на удари од белата точка. На овој меч видовме две различни полувремиња. Во првото подобри беа екипата на Омладинац, кога и имаа предност од 2:0, но во второто полувреме видовме поинаков Вардар. избраниците на Зоран Петковски и покрај двата тешки утрински мечеви успеаа уште еднаш да се издигнат и да соберат сили. Постигнавме два гола, но можеме да жалиме и за победа. Павел Котески Митроски на два пати успеа да го матира голманот на Омладинац и да го израмни резултатот на 2:2.
После ирамнувањето имавме поголем посед на топка и најголем дел од играта се одвиваше на половината на противникот. Пропуштивме две зрели шанси, но топката не сакаше да влезе во голот. Се пристапи веднаш на изведување на пенали. Се шутираа три серии, во кои поуспешни беа екипата од Србија, која славеше со резултат 2:1. Сепак одличен успех за оваа генерација, која после освоеното второ место во Бугарија, истиот успех го повтори и на овој турнир. Во конкуренција на 17 екипи на крајот завршивме на второто место.
Честитки за сите генерации на Вардар за постигнатите резултатати и освоениот успех во изминатите три дена.