На терените на фудбалската федерација на Македонија своето прво коло во детската лига го одигра генерацијата на Вардар родени “2007“ година. Избраниците на Томче Трајановски го започнаа одбраната на трофејот со две победи.
Најпрво на теренот излезе Вардар (2) кој беше подобар во дуелот со екипата на Милано. Уште во првите минути од мечот избраниците на Томче Трајановски успеаа да го отворат резултатот на 1:0 со голот на Војо Стојановски. Следеше период кога екипата од Куманово беше подобра на теренот, кога и постигна два гола во нашата мрежа за целосен резултатски пресврт од 1:2. Иако имавме негатива, црвено-црните продолжија да ја играат својата игра. Се обиде Грашески, но противничкиот голман го одбрани ударот. Милано имаше шанси и да го зголеми резултатот, откако Вардар направи три корни беше досуден пенал. Нашиот голман Јовица Спасовски успева да одбрани во два наврати, откако првиот удар судијата го врати да се повтори. Црвено-црните имаа обиди и преку Алексеј Ивановски и Петар Котевски, но новните удари завршија покрај голот на кумановчани. Иницијативата вроди со плод кога, Александар Грашески успева да го постигне својот прв гол и да го израмни резултатот на 2:2. Се обиде и нововлезениот Младен Тарчуловски, чиј удар го брани голманот на Милано. По првото полувреме успеваме да имаме предост, откако Милано направи три корни и беше досуден пенал за Вардар. Сигурен реализатор од белата точка беше Александар Грашески кој погоди за резултат 3:2 на полувреме.
Во второто полувреме уште подобра игра на Вардар кој ги надигра врсниците од Милано. Во листата на стрелци се запишува и Алексеј Ивановски кој донесе предност од 4:2. Обид имаше и Златко Радески кој шутираше покрај голот на Милано. Целосна доминација на нашите надежи во овој дел од натпреварот. Постигнуваме и петти гол во противничката мрежа, прв за Младен Тарчуловски за зголемување на водството на 5:2. “Виртуозот“ на фудбалската игра, Александар Грашески денес повторно одигра одличен натпревар и повторно успева да погоди за резултат 6:2. До крајот на натреварот по еден гол на двете страни. Најпрво Милано намали на 6:3, за конечниот резултат од 7:3 да ги постави Војо Стојановски.
Победа забележа и Вардар (1) кој беше подобар во дуелот со екипата на Хет Трик, која ја совладаа со резултат 6:1. Одлична игра на црвено-црните и на овој меч, кои покажаа добра игра и создадоа голем број на шанси. Уште по првото полувреме ја најавивме победата, кога на одмор се замина со резултат од 3:0. Хет-трик на овој натпревар постигна Драган Лебариќ, два гола беа дело на Филип Кузаревски, додека еден постигна Никола Јовановски.
Одличен почеток на новата сезона за шампионската генерација на ФК Вардар родени “2007“ година, кои прикажаа одлична игра.