Генерацијата на ФК Вардар родени 2006 година забележаа по една победа и пораз во денешното коло од детската фудбалска лига. На терените на ФФМ за противници ги имавме екипите на Фљамуртари и Њу Јорк.
Вардар (1) беше убедлив во дуелот со екипата на Фљамуртари, која ја совлада со резултат од 8:0. Михаил Николов беше играчот кој прв упати удар кон противничкиот гол, но одбрани голманот. Ни требаше да промашиме неколку добри шанси пред да го отвориме резултатот. Зицери за погодок имаа Ајетовиќ и Николовски, но изостана конечната реализација.
Нуредини беше играчот кај Вардар кој се обиде во два наврати, но шутираше само покрај голот. Во првото полувреме противникот немаше ниту еден директен удар кон нашиот гол. Конечно успеаваме да постигнеме гол и тоа преку денес најдобриот стрелец, Алтин Алији кој од прекин од голема далечина го погоди голот за предност од 1:0. На вториот гол не се чекаше многу време, а истиот повторно беше дело на Алији, откако во улога на асистент се најде Трифуновски, за водство од 2:0. Лука Митревски немаше среќа откако ја погоди само стативата, додека Алији шутираше над голот, во последната наша шанса за погодок.
Првиот удар во вториот дел го имаше Алији, кој шутира покај голот, а голема шанса да се запише во листата на стрелци имаше Нуредини, но ја погоди само пречката. Фљамуртари и во овој дел од дуелот беше во подредена улога. Хет-трик за Алтин Алији, кој најдобро се снајде во една мешаница и погоди за 3:0. Денес Алтин Алији имаше свое голгетереско шоу, повторно ја тресе противничката мрежа, за зголемување на резултат 4:0. Избраниците на Филип Спасевски доминираа на теренот и постојано создаваа шанси за погодок. Николов немаше среќа откако ја погоди пречката, но затоа гол постигна Нуман Ајетовиќ на асистенција од Николовски, за предност од 5:0.
Можевме да славиме многу поубедлива победа, со оглед дека пречка нова погодивме преку Алији, како и статива преку Нуредини. Во листата на стрелци се запишува и Марко Николовски, кој после пропуштените прилики во вториот дел, успева да постигне гол и да зголеми на 6:0. Можеби најубавата акција на овој меч беше кога зголемивме на 7:0. Од средината топка повлече Нуредин, кој додаде до Ајетовиќ, овој несебично го проигра Алији, кој постигна нов гол денес за Вардар. Голеадата со втор гол денес ја затвори Марко Николовски, за конечен резултат од 8:0.
Изненадувачки и неочекуван пораз доживеа Вардар (2) во дуелот со екипата на Њу Јорк. Речиси без желба денес игравме, па заслужено и претрпевме пораз со резултат 2:1. Стрелец на единствениот гол за Вардар беше Антони Динов.