Победа и нерешен резултат остварија двете екипи на ФК Вардар генерација “2009„ во денешното коло од детската лига. Избраниците на Зоран Петковски за противници го имаа екипите на Скупи и Шкупи.
Вардар (1) повторно одигра сигурно и успеаа да триумфира на дуелот против екипата на Скупи, со конечен резултат од 3:1. Заслужен триумф за црвено-црните, кои покрај постигнатите голови имаа уште неколку добри шанси за повисока победа. Јаков Стојковски беше играчот кој ги постигна првите два гола на овој дуел, за предност на Вардар од 2:0. Вардар константно го напаѓаше противничкиот гол, а голема прилика во првиот дел имаше и Васко Папаливски кој ја погоди пречката од голот на Скупи. Во два наврати се обиде и екипата на Скупи, но одлично одбрани нашиот голман, Марко Баснарков. За да биде поубедлива предноста по првиот дел се погрижи Дарин Михајловски, кој погоди за зголемување на 3:0.
Првиот директен удар во второто полувреме го имаше Јаков Стојковски, кој шутираше од прекин, но одбрани голманот. Од иста ситуација, противникот успева да постигне почесен гол и да го намали резултатот на 3:1. Гледавме борбена игра во овој дел од мечот, немаше многу шанси за погодоци. Ние се обидовме преку Павел Котески-Митровски и Стојковски, но резултатот остана непроменет. Ова беше вкупно осма победа во детската лига за овој тим.
Интересен натпревар со многу голови одиграа екипите на Вардар (2) и Шкупи, на крајот ги поделија бодовите играјќи со нерешени 5:5. По првото полувреме, тимот од Чаир имаше преднсост од 2:3, но во вториот дел вардарци успеаа да ја анулираат оваа негатива. Хет-трик на мечот за Вардар постигна Димитар Ацевски, додека по еден беа дело на Антониј Аџиоски и Давид Колевски. Ова беше прв нерешен резултат сеонава за оваа екипа.