Во неделата, ново коло во регионалната-скопска лига одиграа генерациите на Вардар родени 2005 и 2006 година, кои имаа половичен успех во дуелите со екипата на Кул Здравје.
Генерацијата 2006 продолжува со победите во лигата, избраниците на Филип Спасески стигнаа и седмиот триумф од исто толку одиграни натпревари и со максимални 21 освоен бод се наоѓаат на првото место на табелата. Чекор држи екипата на Еуроспорт од Куманово која има ист број на бодови, но и натпревар повеќе од Вардар. Овој тим има седум победи и само еден пораз и тоа токму во дуел со црвено-црните. Вардарци и после ова коло се погрижија да имаат мирна мрежа, па нивната гол разлика е импресивна со 39 постигнати и ниту еден примен погодок, што е за секоја пофалба.
Генерацијата 2005 не се прослави во ова коло и загуби убедливо на домашен терен од најверојатно нивниот најголем конкурент во лигата за трофејот оваа сезона. Кул е актуелен освојувач на Купот, а дека оваа екипа е сериозна во своите намери, покажа и вчерашниот меч кога во второто полувреме речиси не прегазија и ни постигнаа шест голови, па на крајот ни нанесоа висок пораз со резултат 3:6. Така после ова коло, екипата на Кул Здравје остана осамена на врвот на табелата со максимални 24 освоени бодови од 8 одиграни натпревари, додека Вардар е втор со 15 бодови од шест одиграни дуели.