Повозрасните петлиња на ФК Вардар стигнаа до висок триумф на контролен натпревар против екипата на Пелистер. Избраниците на Милан Коцески победија со резултат 5:0.
Алтин Алији беше играчот кој ни донесе водство и го отвори резултатот на 1:0, додека вториот гол беше дело на Марко Николовски за 2:0. За одбележување во првиот дел е одбранетиот пенал на Максим Краљевски кој го прочита ударот на противничкиот играч и не дозволи да биде совладан. Доминиравме и во вториот дел кога постигнавме нови три гола во мрежата на битолчани. Во листата на стрелци се запиша и Давор Лефковски за предност од 3:0, додека за 4:0 од белата точка погоди Нуман Ајетовиќ. Можеби, најубавиот гол на овој дуел беше дело на Андреј Величковски кој од 30 метри го матираше голманот на Пелистер за конечни 5:0 на овој пријателски дуел кој се одигра на теренот со вештачка трева во населбата Хиподром.
Нашиот медиум беше присутен на натпреварот од кој ви носи фотогалерија.