Saturday ,18 January 2020
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Градско фудбалско дерби во последното есенско коло на младинските лиги
Градско фудбалско дерби во последното есенско коло на младинските лиги

Градско фудбалско дерби во последното есенско коло на младинските лиги

Денес и во понеделник, младинските екипи на ФК Вардар ќе го одиграат последното 14.есенско коло. Противник е екипата на Работнички. Пионерските екипи во понеделник на теренот на Академијата се домаќини на градскиот ривал, додека денес на теренот на Алумина, кадетите и младинците се гости на Работнички.

Во помладата пионерска лига ќе се сретнат прво и второпласираниот тим на табелата. Вардар е лидер со само еден бод повеќе од тимот на Работнички. Избраниците на Сашо Тодоровски се уште немаат пораз сезонава и така ќе се обидат да го завршат есенскиот дел. На првиот меч кој се одигра на теренот на противникот, двете екипи ги поделија бодовите играјќи со нерешен резултат 1:1.

Пионерите на Вардар доколку сакаат да останат во борба за титулата ќе мораат да го добијат дербито против Работнички. Лидер во пионерската лига е екипата на Академија Пандев која има четири бодови повеќе од вардарци, па уште кикс на вардаровите пионери би значела значителна негатива пред најголемиот конкурент за трофејот. Избраниците на Стефановски ќе се обидат да стигнат и до првиот триумф сезонава против Работнички, со оглед дека го загубија првиот дуел на гостински терен, тогаш противникот славеше со резултат 2:1.

Дерби ќе гледаме и во кадетската лига, каде лидер е тимот на Работнички кој има пет бодови повеќе од Вардар, но и натпревар повеќе, додека во младинското дерби, домашниот тим е фаворит за освојување на бодовите, со оглед дека Вардар има 12 бодови помаку од денешниот противник.

Денешните дуели ќе стартуваат од 11:00 и 13:00 часот, додека мечевите на пионерските екипи во понеделник ќе започнат од 10:00 и 12:00 часот.

За кадетите и младинците останува да се доигра одложеното 10.коло против екипата на Победа од Прилеп.