Голманот на Вардар. Филип Гачевски, смета дека aтмосферата во тимот е одлична и дека во вистинско време го дочекуваат дуелот со градскиот ривал, тимот на Работнички. Нашиот голман додава дека неговиот тим оди чекор по чекор и дека сега се фокусирани само на утрешниот дуел.
„Играме дерби против Работнички, градско дерби кое што сметам дека ќе го одлучуваат повторно ситници после минатите натпревари. На овие мечеви не победуваат тимовите кои ќе ги искористат шансите и кои ќе бидат помотивирани. Работнички е екипа за респект, загубија минатото коло и сега сигурно ќе сакаат да се поправат. Меѓутоа нашата цел е три бода и ќе дадеме се од себе да ја исполниме. Атмосферата во екипата е одлична, и сите сме подготвени за уште еден триумф“, рече Гачевски.
„Освен оној натпревар со Беласица на гости кој сметам дека требаше да го добиеме, на останатите ја исполнивме целта. Нема враќање назад, одиме напред, да ја продолжиме оваа серија, на секој натпревар да освојуваме бодови. Само така можеме да дојдеме до првото место на крајот од сезоната. Мислам дека до сега покажавме дека можеме да се носиме, и се надевам дека така ќе биде и понатаму. Одиме чекор по чекор. Сега сме фокусирани само кон натпреварот со Работнички и кон тоа како да дојдеме до важна победа на ова дерби“, изјави голманот на Вардарци.