Вардаровата генерација “2005“ обезбеди финале во детската лига, откако екипата на Вардар (1) успеа да го добие полуфиналниот натпревар и да има можност да се бори за златниот медал. Само среќата не дозволи двете екипи на Игор Кралевски да играат меѓусебно во финалето, како најдобри екипи од цела Македонија, откако Вардар (2) го загуби својот меч дури по изведувањето на удари од белата точка.
Цврст натпревар одиграа екипите на Вардар (2) и Фер Плеј од Охрид. Во регуланиот дел натпреварот заврши без голови 0:0. Двете екипи имаа свои шанси и моменти на добра игра на овој натпревар. За одбележување е погодената пречка на противникот во првото полувреме. Нашиот голман, Леонид Илиевски беше најзаслужен, што немавме негатива во регуларниот дел од натпреварот. Ова храбро момче успеа да скроти неколку добри удари на екипата од Охрид. Во вториот дел, Цветков се обиде, но неговиот удар го брани голманот. Сите дилеми околу победникот можевме да ги решиме во регуларниот дел, кога на пет минути пред крајот поради три корни на противникот, судијата покажа на белата точка. Пристапи да шутира Горјан Цветков, но за жал ударот заврши во стативата од голот на противникот. Немаше многу време за поголеми возбудувања, па судијата отсвири крај на натпреварот.
Веднаш се пристапи на изведување на удари од белата точка. Таму резултатот заврши 6:5 во корист на Фер Плеј, кој се радуваше на победата и пласманот во големото финале. Во редовите на Вардар успешни беа Цветков, Кулуковски, Калановски, Лефковски и Танески, додека промашија Танески и Радевски. Нашиот голман, Леонид обрани еден удар од белата точка. Секоја чест за овие момчиња, кои покажаа голем карактер и само поради немањето среќа не се најдоа во големото финале, каде ќе се сретнеа со нивните другарчиња од Вардар (1).
Вардар (1) немаше проблеми во полуфиналето и убедливо ги порази врсниците од екипата на ЛГ Битола. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 10:0. Натпреварот со гол го отвори Никола Величковски, кој му донесе водство на својот тим од 1:0. Следен кој се најде во шанса беше Матеј Гаштаров, но неговиот удар го брани голманот на противникот. На вториот гол не се чекаше многу време, кога Филип Јовановски успева да се запише во листата на стрелци и да донесе предност на црвено-црните од 2:0. Со својот втор гол, капитенот Величковски го зголемува водството на Вардарци на 3:0. Целосна доминација на овој состав во денешното полуфинале.
Разликата во квалитет беше очигледна на наша страна, а ние не дозволивме противникот да се изнаигра. Прв гол во тие моменти постигнува и Матеј Гаштаров, кој го зголеми резултатот на 4:0. Пречката од голот на ЛГ Битола ја погодува и Филип Јовановски, по што резултатот остана непроменет. Сепак истиов игра до крајот на првото полувреме успева да постигне уште два гола и на одмор да имаме убедливи 6:0, со два последователни голови на Филип Јовановски. За одбележување во првото полувреме е пречката која ја погоди ЛГ Битола и обидот на Тино Спасиќ , кој голманот го одбрани.
Во второто полувреме постигнавме уште четири голови во мрежата на противникот, за убедлива победа и пласман во големото финале. Јовановски продолжи со голеадата и тој го отвара второто полувреме со гол, за резултат од 7:0. Величковски го следеше во чекор, нашиот капитен успева да погоди и да донесе предност од 8:0. Прв пат денес на натпреварот погоди и Петар Пројкоски, кој го зголеми резултатот на 9:0, за конечните 10:0 на ова полуфинале да ги постави Матеј Гаштаров.
Во големото финале, кое на програмата е во петок, ќе играат екипите на Вардар (1) и Фер Плеј, додека за третото место и бронзениот медал, ќе се борат Вардар (2) и ЛГ Битола.