Кадетите на ФК Вардар денес во рамките на 8.коло беа домаќини на екипата на Шкупи. Натпреварот кој се одигра на теренот во населбата Хиподром заврши во наша корист, со конечен резултат од 4:3.
Тренерот Ѓоргиевски стартуваше со следниве 11-сетмина: Данстак, Каровски, Анчевски, Здравковски, Таневски, Ибраим, Величковски, Стојановски (К), Перковски, Стоимов и Јовановски.
Гледавме ефикасно прво полувреме, во кое беа постигнати четири голови, по два во двете мрежи. Уште во првата минута од натпреварот се создаде прилика за гостинската екипа, кога добија фаул од некаде 18.метри, сепак еден од нивните играчи биеше над голот. Вардар беше тимот кој прв успеа да го отвори резултатот, всушност беше авто-гол, но ќе го препишеме на Никола Анчевски.
Почна акција од средината на теренот, беше додадена топка на Анчевски од левата страна, кој сакаше да центрира, еден од играчите на Шкупи го смени правецот на топката, а веќе голманот тргна на спротивната страна, тоа значеше и предност за Вардар од 1:0. Гостинската екипа брзо успеа да се врати во натпреварот, после еден прекршок на Здравковски во нашиот шеснаесетник, главниот судија покажа на белата точка, сигурна реализација за противникот кој израмни на 1:1. Гледавме брзо темпо на игра од страна на двете екипи. Шкупи имаше удар по земја, кој го брани Данстак, додека кај нас се обидоа Величковски Стојановски, но гостинскиот голман ги брани ударите. После една брза акција, екипата на Шкупи повторно успева да ја затресе нашата мрежа, Данстак по втор пат ја вадеше топката од својата мрежа, за резултатски пресврт од 1:2. Избраниците на Петар Ѓоргиевски не се откажаа, не само што израмнија до крајот на првиот дел, туку имаа и голема шанса повторно да го вратат водството.
После нафрлена топка од прекин на Анчевски, во мешаницата која се создаде во противничкиот шеснаесетник најдобро се снајде Никола Величковски кој израмни на 2:2. Истиов играч можеше лесно да му донесе и предност на Вардар, после центар шут од левата страна на Стојановски, највисок во скокот беше Величковски кој биеше со глава, но со одлична реакција, голманот на Шкупи спаси негатива. По првото полувреме резултато беше 2:2.
Гледавме исто така интересно второ полувреме, во кое и двете екипи реализираа погодоци. Пред да ја вратиме предноста, во шанса се најде денес одличниот Величковски, кој шутираше над голот. Денес Величковски одигра натпревар за чиста 10-тка, повторно нашиот напаѓач е најприсебен во противничкиот шеснаесетник, погодува за 3:2. Гостинската екипа не се откажа, сакаше со позитивен резултат да го заврши натпреварот, имаа прилика бргу да го вратат погодокот, но топката мина крај голот на Данстак.
Сепак, во следна прилика, противникот од Чаир успева да погоди и да го израмни резултатот на 3:3, после центар шут од слободен удар, мешаница во нашиот голмански простор, еден од играчите на Шкупи ја погоди нашата мрежа. Во меѓувреме во игра влезе Лука Ивановски. Се играа последните пет минути од натпреварот, кога Каровски од средината на теренот даде одлична топка до Никола Величковски, кој со својот хет-трик го матира противничкиот чувар на мрежата, за предност од 4:3. До крајот на натпреварот се одбранивме и не му дозволивме на гостинот да создаде сериозна прилика за погодок. Крај на натпреварот и триумф за вардаровите кадети. Во игра влезе и Александар Савиќ.
Мора да им се честита на нашиот тим на чело со тренерот Ѓоргиевски. Иако оваа генерација е преполовена и со играчи од 2005, како и нашиот голман Данстак, кој е генерација 2006, сепак на секој натпревар даваат максимум. Ова е трета победа сезонава за кадетите, а втора во серија.