Младинците на ФК Вардар го добија дербито од 8.првенствено коло против екипата на Шкупи. Натпреварот кој се одигра на теренот во Хиподром заврши убедливо во наша корист со резултат 3:0 (1:0).
Тренерот Бабунски стартуваше со следниве 11-сетмина: Јовчев, Ричков, Ѓоргоски (К), Мирков, Стојилевски, Хасани, Тасевски, Дошев, Трпезановски, Марковски и Јусуфи.
Уште во 2.минута од натпреварот успеваме да го отвориме резултатот со голот на Нијаз Јусуфи, кој го лобуваше гостинскиот голман, после одлично додадена топка во простор од страна на Дошев. Вардар имаше поголем посед на топка и беше поконкретен од противникот во првиот дел од натпреварот. Во два наврати од слободен удар се обиди Антонио Мирков, во првиот одбрани голманот, додека во вториот шутираше крај голот. Покрај постигнатиот гол, не видовме некоја друга сериозна прилика за погодок. Јусуфи имаше обид откосо од левата страна, кој заврши крај голот, додека и Шкупи се закани, но одбрани Јовчев. Последниот удар во првото полувреме го имаше Дамјан Марковски, но без опасности кон голот на противникот.
Избраниците на Бабунски доминираа и во вториот дел од натпреварот, успевајќи да постигнат уште два гола. На стартот од вториот дел во игра влегоа Лео Андрески и Славче Живков. Имавме голема шанса по само три минути игра во второто полувреме да го зголемиме резултатот, кога Дошев од десната страна упати центар шут во противничкиот шеснаесетник, каде на топката стигна Марио Ричков кој биеше, но гостинскиот голман со одлична интервенција спаси поголема негатива. Противникот речиси и да не се закани во овој дел од натпреварот.
Вардар за само две минути успеа да постигне два нови голови. Откако Живков беше фаулиран во шеснаесетникот, главниот судија оправдано покажа на белата точка. Сигурен реализатор во 54 минута беше Антонио Мирков, кој сепак успева од втор обид да го совлада голманот, кој најпрво му го одбрани ударот, но одбиената топка стигна повторно до Мирков кој зголеми на 2:0. После само две минути игра падна и третиот гол во противничката мрежа, од десната страна нафрли Андрески, лоша проценка имаше гостинската одбрана, па на топката наиде Дамјан Марковски, кој ја забива топката во мрежата за високи 3:0 во 56 минута од натпреварот.
До крајот на натпреварот видовме мирна игра, иако нашите млади надежи во ниту еден момент не се опуштија и не дозволија опасности по голот на Гоце Јовчев, кој денес немаше многу работа. Во игра го видовме и Мартин Илиевски кој го замени Мирков, токму Мирков го имаше последниот директен удар на натпреварот кој заврши во рацете на голманот. На крајот победа за Вардар со резултат 3:0.
Ова беше седма победа сезонава за младинците на Вардар, кои во следното коло гостуваат кај екипата на Академија Пандев, која е наш директен конкурент за освојување на шампионската титула.