Во сабота и недела продолжуваат натпреварите од седмото коло во првенството на младинските фудбалски категории. На програмата е градското дерби помеѓу екипите на Вардар и Работнички. Пионерските екипи во недела ќе гостуваат на теренот на алумина, додека кадетите и младинците на теренот во населбата Јане Сандански ќе ги пречекаат своите врсници од Работнички.
Минатата сезона помладите пионери на двете екипи до последното коло ја водеа битката за титулата. На крајот за само еден бод Работнички успеа да биде пред тимот на Вардар и да биде шампион во оваа генерацијата. Двата меча од сезоната 2015/16 завршија со идентичен реултат од 1:1. На домашен терен тогаш голот го постигна Кристијан Чурлинов, додека во првото пролетно коло на алумина, единствен стрелец беше Марио Асенов со удар од белата точка. Оваа сезона младите Вардарци не играат според очекувањата. Избраниците на Сашо Јанев после шест одиграни кола имаат три победи, два порази и еден нерешен резултат. Никако да го фатат посакуваниот ритам, а во средата беа елиминирани во националниот куп, од екипата на Милано. Се надевам дека нашите момци конечно ќе се “разбудат“ и ќе почнат да прикажуваат добри игри. Натпреварот е закажан за недела на Алумина, со почеток од 11 часот.
Вардаровите пионери имаат добра причина за триумф на овој дуел, бидејќи единствениот пролетен пораз во минатата сезона го доживеа токму против овој противник и на овој терен, каде ќе се игра неделниот меч. Елвир Рамиќ беше стрелец во победата од 1:о на Вардар на домашен терен во првото коло од минатата сезона. Сепак во пролетниот дел, Работнички успеа да не совлада со резултат 3:2, иако Вардарци на тој меч имаа водство од 1:2. Нашите пионери оваа сезона се наоѓаат во одлична форма, забележувајќи пет победи и само еден нерешен резултат на досега одиграните мечеви. Тука е и победата во купот против екипата на Металург. Се надеваме дека ќе гледаме вистинско дерби, двете екипи ќе сакаат да ги освојат бодовите. Кој ќе излезе како победник ќе погледнеме во недела со почеток од 13 часот на теренот на алумина.
Кадетите се враќаат на настапите во првенството, откако минатато коло против екипата на Гостивар беше одложено поради настапот на младинската екипа во лигата на шампиони. Избраниците на Влатко Колев се наоѓаат во добар ритам, забележувајќи шест последователни победи во лигата и со максимални 18 бодови се наоѓаат на првото место на табелата. Минатата сезона на два пати успеавме да славиме во дуелите со екипата на Работнички. На гостински терен триумфиравме со резултат 1:2, со головите на Менкиновски и Геговски, додека на теренот во Марино со голот на Александар Трајчевски ги освоивме трите бода. Овој натпревар ќе биде одигран во сабота од 1о часот на теренот во населбата Јане Сандански.
Младинците после големиот пораз во Австрија од екипата на Салцбург се враќаат на натпреварите во домашното првенство. Против Работнички ќе се обидеме да ги залечиме раните од поразот против шампионот на Австрија и да се вратиме на победничките патеки. Двата меча во лигата за изминатата сезона ги добивме со резултат 2:1. Противникот успеавме да го елиминираме и во полуфиналето на купот на Македонија. На првиот меч избранциите на Марковски славеа со резултат 4:3, додека на реваншот на Алумина одигравме без голови 0:0. Тогаш херој за Вардар беше Филип Трајчевски кој успеа да одбрани пенал во последните пет минути од дуелот. Во лигата се наоѓаме на првото место на табелата со максимални 18 освоени бодови. Младинското дерби ќе се одигра во сабота во населбата Јане Сандански од 12 часот.