Денес е вистински празник за вистинските љубители на фудбалот, но пред се за најверните Вардарови навивачи. Долго се очекуваше овој ден, каде полека се одбројуваат последните часови пред започнувањето на фудбалскиот натпревар во лигата на шампионите, помеѓу екипите на Вардар и Апоел. Вечерва на теренот ќе излезат 11 играчи на Андрев, против 11 на Пасиенса. Влогот е голем за двете екипи, било каква победа на една од двете екипи ќе значи пласман во следното квалификациско коло од најголемото натпреварување. Сите погледи денес се вперени кон овој меч, кој е од голема важност за нашиот клуб. Боите на клубот се нешто најсвето за еден играч, кој настапува за една екипа. Тоа е како знамето и одбележјето на една држава. Момците во последниве денови најавуваа максимална борба и пожртвуваност на секој дел од теренот.
Секогаш кога игра Вардар, пред се фудбалскиот и ракометниот тим, во центарот на вниманието се нивната навивачка група-Комити. Така ќе биде и овој пат, се се врти околу нив и во голема мера од нив може да зависи конечниот епилог на вечерашниот дуел. Комити ќе бидат 12 играч на Вардар и дефинитивно најголемата сила и адут за конечен триумф. Фудбалскиот клуб е нивна најголема гордост и љубов и секогаш поголем акцент и внимание се посветува на фудбалот. Нивната матична трибина-западот е нивниот втор дом, каде црвено-црната армија ги поминува можеби најубавите моменти во својот живот. Големо значење имаат ваквите натпревари за најверните, со посебни емоции и страст се дочекуваат ваквите мечеви на својот миленик. Затоа играчите треба да бидат свесни колку многу значи овој ден за нив и колку ќе ги направи среќни, ако вечерва забележат победа на арената.
Комити веќе недела дена активно и максимално се подготвуваат за настанот кој следи. Нивниот собир е пред соборниот храм од 17 часот, каде ќе може да се набави карта и да се купи нова маица. После 19 часот ќе тргнат со кортео накај стадионот, кога се очекува да ги затресат скопските улици. Македонија вечерва ќе може да проследи голем натпревар на Вардар, кој се смета за најголема гордост не само за Скопје, туку и за целата држава. Ќе се стискаат палци и ќе се посакува среќа за најголемиот спортски бренд да победи и да обезбеди пласман во следната рунда, што ќе значи нови возбудувања и доживувања.
Целата порака е јасна :
ИГРАЈ ВАРДАР ЗА БОИТЕ НА КЛУБОТ, ЗА СВОИТЕ КОМИТИ И МАКЕДОНИЈА.